ИНТЕРВЈУ Кежаровски: Ако се потврди ослободителната пресуда во „Ореше“ ќе барам одговорност, почнувајќи од оној што ме уапси до оној што ме осуди

by fokus

Разговараше: Маја Васева

Ќе остане запаметен како прв новинар во Македонија кој лежел во затвор поради напишан текст. Помина 22 месеци во притвор под обвинение дека открил идентитет на заштитен сведок, кој во меѓувреме призна дека дал лажен исказ инструиран од полицијата. Случајот на Кежаровски ги размрда комфорно притаените новинарски редови и ги освести заспаните делови од граѓанството, што пак допринесе за поткопување на втемелената власт. Последно во случајот „Ореше“, кој е нераскинливо врзан и за неговата животна приказна, е ослободителната пресуда која судот во Велес ја изрече за обвинетите. Доколку Апелациониот суд ја потврди оваа пресуда, Кежаровски вели дека ќе бара одговорност и конечно задоволување на правдата. Неговите премрежја искусени како жртва на политички прогон се поместени во книгата која ќе биде денеска промовирана.

ФОКУС: Зошто „Живот во кутија“, на што треба да асоцира името на книгата?

КЕЖАРОВСКИ: Името на книгата упатува на еден период кој го поминав во осум квадрати заедно со уште четири лица. Осум квадрати, толкава е големината на ќелијата во која што се наоѓав во притвор. Во овие ќелии се случува да бидат сместени и по шест луѓе, а ние бевме петмина, заедно со тоалетот кој се наоѓаше во истата просторија. Во тоа е суштината на насловот, да бидеш снаодлив и да научиш да живееш во осум квадрати. Освен тоа асоцира на многу нешта, на тоа дека сите мои работи во затворот беа ставени во една картонска кутија и тоа е беше целиот мој живот сместен во една кутија. Насловот на книгата е инспириран и од музичка композиција напишана за мене од Ана Пандевска.

ФОКУС: Сметате ли дека од вас почна падот на претходната власт и соголувањето на системот кој имаше карактеристики на режим?

КЕЖАРОВСКИ: Во тој период веќе имаше одреден револт кај народот кој беше искажан на улица, но реакциите на политичари од претходната влада доволно кажуваат, кога ќе им се спомне името Кежаровски им се крева коса на глава. Тоа е поради оној протест на новинарите пред судот по кој следеја низа други процеси. После моето притворање народот како да почувствува сила и елан, она што ги мачи и тишти да го искажат на улица. Го кренаа гласот, почнувајќи од оној обичен протест на новинарите пред судот поради мојот притвор. Фактот дека дел од поранешните функционери во владата не сакаа да одговорат на прашања за мојот случај, на прашања кои ги поставуваа и странски новинари, доволно зборува што им значи моето притворање. Верувам дека ако поминеше се така како што сакаа во мојот случај, без врева и без протестите, таа гарнитура ќе беше покомотна во владеењето и ќе се задржеа подолго на власт.

ФОКУС: На своја кожа го почувствувавте обрачот на владејачката партија врз новинарите. Како го доживеавте тој период и прогонот врз вас?

КЕЖАРОВСКИ: Кога бев во притвор имав прилика да ја согледам реакцијата на обичниот човек. Обичниот човек им верува во новинарите. Проблемот е во тоа што политиката си наметна свои спреги на влијание во медиумите, кои мораме што поскоро да ги отстраниме. Јас добив поддршка во најкритичните моменти и сфатив што значи тоа за мене, за новинар кој е политички репресиран. Знате, кога го имате најдобриот адвокат, во една нефер игра, неизбежно ќе изгубите, затоа што тие ги имаа најдобрите судии. Не можете да бидете рамноправен противник, тие се побројни од вас. И сега се уште ми недостасуваат зборови за политичката репресија која ја доживеав. Бев фатен во игра, во еден спротски напревар во кој противникот е поброен и играта неимновно ја губите. Мачно е кога ќе си ја слушнете пресудата неколку месеци пред да биде изречена. Обвинителот ја кажа точната пресуда во обвинението. Марко Зврлевски во интервју, неколку месеци пред пресудата, точно кажа на колку години ќе бидам осуден. Добивав и пораки дека казната ќе ми биде до седум години.

ФОКУС: Од кого ги добивавте овие пораки?

КЕЖАРОВСКИ: Од судот.

ФОКУС: Ќе барате ли одговорност за оние кои зедоа учество во прогонот против вас?

КЕЖАРОВСКИ: Малкумина знаат дека пред да пишувам за случајот „Ореше“ имав дилема дали да молчам или да ја кажам вистината. Но има нешто што не може да се премолчи. Можев да бидам нем посматрач и немаше да доживеам ништо од тоа што следеше, но цел живот ќе ме јадеше грижа на совест поради помислата дека сум сокрил нешто што сум знаел, дека невини лица скапуваат во затвор. Затоа решив да се охрабрам. И ден денеска сигурни сме дека не го откривме идентитетот на заштитениот сведок, не напишавме ништо повеќе од она што стоеше во записникот на судијата. Во врска со тие што го монтираа случајот, ќе почекам да видам како ќе се одвиваат работите околу предметот што се води во Велес.

ФОКУС: Што мислите за новата одлука во случајот „Ореше“ каде што судот донесе ослободителна пресуда за обвинетите?

КЕЖАРОВСКИ: Последната одлука е многу интересна. Според моите информации во образложението на пресудата донесена од велешкиот суд децидно стои дека сведокот е лажен и дека се што кажал било под притисок на лица од Управата за безбедност и контраразузнавање. Доколку се случи оваа одлука на велешкиот суд да биде потврдена од повисоките, ќе побарам одговорност од сите инволвирани, од оние кои ме товареа за откривање на идентитет на заштитен сведок, од обвинителот, од истражниот судија, двајцата судии кои ми судии,  па се до поротниците. Одлуката за затвор од четири и пол години е донесена мериторна пет спрема нула. Во овој случај нема никого да исклучам од одговорност, дури ни судиите поротници.

ФОКУС: Добиена ли е битката за слободно, независно и професионално новинарство или сметате дека допрва почнува?

КЕЖАРОВСКИ: Ништо не е завршено. Моето мислење е дека претстои битка во која новинарите треба да се изборат за независно новинарство. Политичкото влијание мора да биде исфрлено од медиумите. Еве како илустрација, неодамна на една средба со уредници и новинари во Германија им поставив три прашања вообичаени за македонски прилики: кога последен пат се јавил политичар во медиум да интеревернира за објавен прилог или текст, кога последен пат е нападнат новинар, и третото дали тие паметат за случај во Германија каде таткото во едно семејство е претседател на политичка партија која се наоѓа на власт, синот сопственик на телевизија, а ќерката (да речеме) на градежна фирма која зема тендери од државата. Луѓето не можеа да сфатат што ги прашувам, не им е јасно како е можно да дојде до напад на новинар, кај нив веднаш се санкционира закана кон новинар. Ние мораме да сфатиме дека функционерите ги трошат нашите пари и затоа се должни да дадат објаснување. Далеку се за нас германските стандарди. Ние очи ќе си извадиме меѓу себе. Но не ни недостасуваат кадри, имаме професионалци и прекрасни луѓе во новинарството, потребно е само да се разграничи политичкиот интерес од интересот на јавноста.

 

Поврзани новости