(ИНТЕРВЈУ) Дуев: Треба да имаме ректор на УКИМ, а не ректор на Ректоратот!

by fokus

Деканот на Филозофскиот факултет и кандидат за ректор на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, професор д-р Ратко Дуев во интервју за „Фокус“ зборува за својата програма во трката за ректор, во која трите главни столба се правилна распределба на буџетските средства за капитални инвестиции, научната инфраструктура и итно вработување нови наставници и соработници.

Според него, студентите се главниот сегмент во работењето на Универзитетот и неговиот фокусот ќе биде на влучување на студенти во истражувачки проекти со цел да стекнат неопходни иновациски вештини за работа и преку средства од проектите да се самофинансираат во своето научно и стручно усовршување.

Во однос на падот на УКИМ на светските рангирања, професорот Дуев вели дека ако се анализираат многубројните проблеми со кои се соочува Универзитетот во своето функционирање „и добро сме рангирани“.

Разговараше: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

ФОКУС: Кој ви беше главниот мотив да влезете во трка за ректор на најголемиот универзитет во земјава?

ДУЕВ: Како декан на Филозофскиот факултет, во изминатиот период можев да ги согледам сите проблеми во функционирањето на Универзитетот, но и начинот на решавање на голем дел од нив. Губењето на финансиската и кадровската автономија, честите законски измени, нивната несинхронизација со Законот за високо образование го парализираа функционирањето на најстариот Универзитет во нашата држава. Од друга страна можев да го согледам и севкупниот човечки потенцијал што има големи можности за развој на Универзитетот. Околностите во кои живееме и работиме бараат голем напор и големи залагања за да се обезбеди нормално функционирање на факултетите и институтите. Главен мотив да влезам во трката за ректор е да направам Ректоратот да не биде независна и одвоена единица од факултетите и институтите, туку нивен помагател и поддржувач во сите нивни научни, наставни и проектни активности, да имаме ректор на УКИМ, а не ректор на Ректоратот!

ФОКУС: За изборите кои ќе се одржат на 30 мај имате подготвено програма. На кој начин и пред кого досега ја презентиравте истата?

ДУЕВ: За првпат кандидатите за ректор имаат можност на демократски начин да ги престават своите програми пред сите наставници на организирани претставувања низ кампусите на Универзитетот, каде што можат на непосреден начин да се запознаат со кандидатите и нивната визија за развојот на научната, наставната и проектната дејност на Универзитетот. Големиот интерес на медиумите за организарање дебати, индивидуално претставување на кандидатите и нивните програми само го потврдуваат значењето на УКИМ за нашата јавноста и желбата да се запознаат со проблемите во високото образование, причините за одредени состојби во кои се наоѓа Универзитетот и сите предизвици со кои се соочува високото образование во нашата земја. За жал системот има и одредени недостатоци, гласање по принцип на електорати, нема цензус за излезноста и бројот на освоените гласови, но сепак е голем чекор со вклучување на сите наставници во одговорноста за својата иднина и борбата за целосна автономија.

ФОКУС: Кои се главните три столба на Вашата програма и што тие предвидуваат?

ДУЕВ: Првиот столб се финансиите како основа за реализација на сите предвидени цели во програмата. Приливот на средства на единиците на УКИМ главно доаѓа од студентите на сите три циклуси, што е околу 85 % од вкупните финансии со одредена разлика во зависност од нивната дејност. Ректорот мора да обезбеди правилна распределба на буџетските средства за капитални инвестиции за градежни работи и опрема согласно бројот на студенти, вработени и состојбата на инфраструктурата поради староста на објектите на УКИМ во споредба со другите универзитети во државата. Просторот и условите за научна и наставна дејност, современа опрема за наставата и лабораториите се основни за да можеме да ги задржиме најдобите матуранти да студираат дома, а не да заминуваат на странски универзитети. Во минатото заради (не)работењето големи финансиски средства на сопствените сметки на Универзитетот не се инвестираат за потребите на единиците. Засилено ќе се работи и на обезбедување на финансии од проектните и апликативните дејности со обезбедување административна поддршка за аплицирање на проекти и обуки за подготвка на голем дел од наставниците самостојно да можат да аплицираат на разни програми. Најважен сегмент е кампањата за подигање на општествената одговорност и донации по пример на универзитетите во развиените земји.

Вториот столб е научната инфраструктура што е неопходна за научната работа: електронски библиотеки на публикации, издавачка дејност, поддршка на нашите научни списанија да се здобијата со фактор на влијание во светски рамки, современи лаборатории.

Третиот столб е човечкиот ресурс кој е најважен за развојот на секоја институција. Кадровската автономија беше исклучена од новиот Закон за високо образование. Проблемот се усложнува и со заминување во пензија на професори, при што фунционирањето на некои институти и факултети е доведено во прашање. Просечната старост на наставниот кадар на одредени единици е 57 г. Затоа мора се најдат решенија за итно вработување нови наставници и соработници.

Професорот и кандидат за ректор Дуев смета дека мора да се вработува наставен кадар

ФОКУС: Според Вас, потребна ли е промена на студиските програми и можеби исфрлање на застарените и воведување нови кои би биле во тек со промените на новото време?

ДУЕВ: Универзитетот има современи студиски програми. Проблемите се предизвикани од законските решенија за воведување или модификација на студиските програми што е сложен процес. Новото време, глобализацијата, засилената дигитализација, општествените промени предизвикани од пандемијата и економската криза со војната во Украина ја менуваат потребата на пазарот на трудот. Ние сме дел од глобалното образование со самото воведување на ЕКТС. Секоја студиска програма тргнува од звањето кое студентот го добива со дипломирањето. Тој стекнува знаење, вештини и компетенции. Светот зборува за вработливост а не вработување. Во Велика Британија дури 50% од дипломираните студенти не работат според своето звање. Тој процес е глобален бидејќи високото образование не може брзо да се адаптира на честите промени во пазарот на трудот. Затоа денес зборуваме за доживотно учење, со покуси обуки, програми за доквалификација или преквалификација за да се задоволат потребите од стручен кадар во сите општества. Ние постојано во соработка со стопанството и институциите работиме на осовременување на студиските програми. Тоа може лесно да се провери ако ги споредите денешните студиски програми со оние од пред 5 или повеќе години.

ФОКУС: Што предвидува вашата програма за подобрување на студентскиот стандард?

ДУЕВ: Без студенти нема високо образование. Студентите се главниот сегмент во работењето на Универзитетот. Фокусот е ставен на влучување на студенти во истражувачки проекти, за да стекнат неопходни иновациски вештини за работа и преку средства од проектите да се самофинансираат во своето научно и стручно усовршување; поддршка на студентски списанија; поддршка на студентски проекти, финансирање на студентски проекти од разни извори, како дополнителна стимулација за воннаставна активност на студентите; активности за подигање на општествената одговорност; поддршка на студентите при организација и присуство на студентски конференции; зголемување на студентската мобилност; подобрување на инфраструктурата за студентите со попреченост; студентски сервиси за поддршка на студентите со попреченост; одбележување на „17 Ноември“ – Меѓународен ден на студентите; поддршка на спортски и културни активности на студентите.

ФОКУС: Потребно ли е зголемување на платите на професорите?

ДУЕВ: Приходите и платите на професорите и вработените во администрацијата останува најголем проблем во нашето општество. Во останатите степени на образованието, од 2006 г. до 2022 г. платите на вработените беа покачени за 85%, а во високото образование за наставниот кадар 27% и 12% за администрацијата. Синдикалните организации направија чекор кон решавање на овој проблем, но сè уште не се решени проблемите со финансирање. Ниските примања ги направија работните места неaтрактивни за нашите талентирани студенти. Голем дел од вработените асистенти и вработени во администрацијата поради повисоки плати преминаа да работат во други институции и компании. Надеж дава потпишаниот Kолективен договор на Синдикатот на УКИМ кој треба да се применува од 2024 г. На секој иден ректор приориотет во работата мора да му биде решавање на овој проблем, бидејќи во спротивно Универзитетот ќе се соочи со постепено губење на човечкиот ресурс и негово згаснување.

ФОКУС: На што се должи падот на УКИМ на листите за рангирање на универзитетите во светот (последно листата на Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR))?

ДУЕВ: Падот на рангирањето е комплексен проблем што зависи од многу параметри. Јас велам дека ако ги анализирате многубројните проблеми со кои се соочува Универзитетот во своето функционирање и добро сме рангирани. Нема инвестиции во науката, нема капитални инвестиции за обновување на старите згради и современа научна инфраструктура, ниски плати, нема поддршка за издавање на научни публикации. Главниот проблем е недостигот од млад научен кадар. За споредба на Универзитетот во Белград, кој е рангиран меѓу првите 500 на Шангајската листа на универзитети во светот, само на Филозофскиот факултет во Белград, покрај постојните 255 наставници и соработници, во последните 4 години се вработени 143 млади истражувачи. Секако бројот на вработени кои се вклучени во научноистражувачка работа пропорционално се одразува и на рангирањето на светските листи. Исто така и многуте законски пречки кои го „задушуваат“ слободниот проток на иновации, идеите, академската размена, влијаат на овој негативен тренд. Затоа треба да изградиме систем кој ќе ја „ослободи“ научноистражувачката дејност на професорите, бидејќи инвестицијата во науката многукратно ќе и се врати на државата. Најмногу поени во рангирањето носи бројот на професори добитници на Нобеловата награда. Дали ние имаме најсовремена научна инфраструктира и услови да создадеме научник или уметник достоен за Нобелова награда?

Поврзани новости