Интервју Бени Шаќири: Не би сакал да бидам во кожата на Иванов!

by fokus

Арбен Шаќири, познат во јавноста како Бени од рок групата Нон-Стоп е присутен на сцената уште од 2000 година. Минатиот месец го промовираше спотот за песната ,,Нема правда, нема мир,, која што стана еден вид на химна на Шарената револуција, а во искрен разговор со ,,Фокус ,, ги сподели своите ставови за состојбата во земјава, за пеењето на партиски настани, за ,,народните,, квалификации на музичарите во ,,наши,, и ,,ваши,,.

Фокус: Дали вие како дел од естрадата и јавна личност сметате дека вашите колеги треба да го следат примерот на Влатко Стефановски, чие што интервју за ,,Фокус,, предизвика бурни реакции, и јавно да го дадат своето мислење по повод настаните во земјава, или пак како што повеќето уметници знаат, подобро е да се молчи?

Бени: Сметам дека секој треба да даде сопствен пример и притоа да не се води по примерот на некој друг од страна, па макар тоа бил и Влатко Стефановски или можеби некој друг! Мене не требаше да ми се случи Шарената револуција за да јавно проговорам за сопствените ставови и јасно и гласно да го кажам она што го чувствувам без разлика како тоа ќе се рефлектира на моето понатамошно ,,битисување,,.

Она што нам ни се случува не е добро, напротив, одвратно е и немам намера да молчам пред никого затоа што ако немам право на сопствен став, не треба ни да постојам! Се работи за елементарно човеково право, загарантирно и според Устав и според сите Божји и природни овоземски закони. Ако некој сака да молчи тоа е негово право и негова одлука, дотолку повеќе што знам дека постојат луѓе кои што апсолутно не се согласуваат со мојот став, напротив, го осудуваат, но тоа исто така е нивно легитимно право.

Имате голем број на фанови, луѓе кои што ве ценат вас и вашата музика, и кои што сигурно сакаат да го знаат вашиот став по повод Шарената револуција, како гледате вие на револуцијата, кое е вашето милење околу актуелните настани, протести и контрапротести?

Бени: Ги поддржувам протестите кои што се случуваат во моментов кај нас и апелирам да се приклучат што поголем број на граѓани без оглед на национална, верска или политичка припадност, затоа што се работи за иднината на оваа земја и идните поколенија кои би сакал да можат да патуваат надвор од земјава, но исклучително како туристи со полн џеб или можеби како експерти во своите области, но никако како луѓе принудени да ја напуштат својата земја под наезда на криминалот, примитивизмот, сиромаштијата и непочитувањето на елементарните човекови и граѓански права, кои што и тоа како се евидентни последниве години!

На контрапротестите гледам со жалење за сите тие луѓе, за кои што сметам дека се таму под притисок и немаат храброст да се спротивстават на канџите на диктатурата. А секако, таму има и луѓе кои што се присутни доброволно од само ним познати причини, но лично мислам дека бројката на овие, вториве, е исклучително мала.

Фокус: По сите овие години минати на естрадата, што мислите, дали е добро да се завзема страна, дали јавното изнесување на мислењето носи или одзема обожаватели?

1-8-of-15-620x951Бени: Апсолутно не ме интересира дали ќе добијам или изгубам обожаватели ( Би рекол фанови, но ми звучи грдо), затоа што ако истите тие луѓе не го почитуваат моето право на став и избор, тогаш искрено жалам, но немаме ништо заедничко од едноставна причина што јас повеќе ги почитувам луѓето со став, па макар и погрешен или спротивен на мојот, отколку луѓето без став за кои мислам дека се безрбетници и не би сакал да ми се во близина!

Моја лична одлука е дали ќе завземам страна, а во конкретниот случај сум на страна на правдата, достоинството и правото на нормално живеење и функционирање без да ме малтретира некој од било која структура на власта само затоа што немам иста партиска книшка ко неговата!

Фокус: Во Македонија има едно непишано правило, односно дури и пејачите според ангажманите на протести се делат на владини и на музичари на опозицијата. Колку има вистина во тоа, дали ако некој пејач пее на митинг на некоја партија, значи дека слепо се согласува со нејзините ставови, или пак тоа се прави чисто поради добар хонорар?

Бени: Секој пејач има право да избере дали воопшто ќе настапува за некоја политичка партија или воопшто не сака да се плетка во таков тип на ангажман. Јас сум свој и не припаѓам никому, освен на моите дома, а дали се согласувам со ставовите на партијата која што ме ангажира, јас лично не би можел да настапувам за истата доколку не се согласувам со нејзините ставови!

А што се однесува до хонорарот, се разбира дека е важен, затоа што секој од нас треба да го подобри квалитетот на живеењето, што значи дека ако нема хонорар, тогаш тие од маркетите сигурно нема да ми дозволат да изнесам надвор полна количка со намирници, само со едно покажување на членска книшка или евентуално докажување на симпатии кон една или друга партија, иако за воља на вистината, со години наназад немам наплатено ниту денар за моите ангажмани во склоп на соработката со СДСМ!

Јас сум комунист и не можам тукутака да ги оставам моите другари на цедило кога им требам. Тоа НЕ е другарски, а сега, постоењето на други правила во спротивниот табор, тоа е нивно право на избор! Јас верувам во моите постапки!

Фокус: Во естрадните кругови одамна се збори дека владеачката партија, и покрај вашата популарност, никогаш не би ве поканила да пеете на нејзина манифестација, поради вашето пријателство со градоначалникот Андреј Жерновски. Колку има вистина во тоа, и доколку ве поканат од ВМРО да им пеете на митинг, дали би прифатиле?

Бени: Ха, па Боже мили, зарем се мисли дека мојот ангажман треба да зависи од моето пријателство со било кој актуелен политичар? Јас со Андреј сум добар другар, но тоа нема никаква врска со нашите политички ставови, туку се работи за пријателство без трошка интерес.

А што се однесува до мојот ангажман во ВМРО, не би прифатил такво нешто од причина што се работи за десничарска партија, со чии што ставови не се согласувам, а ниту тие се согласуваат со моите, па мислам дека тука сме на чисто.

Фокус: Вашата нова песна ,,Нема правда, нема мир“ моментално е хит и предизвика многу реакции во јавноста, а стана и еден вид на химна на Шарената револуција, какви реакции добивате вие, има ли закани, поддржка, што точно ве инспирираше за оваа нумера?

Бени: „Нема правда, нема мир“ е песна која што е направена во месец јуни 2015 година, а дали е хит и колку е хит, немам релевантни податоци, така да би оставил тоа да го покаже времето. Се разбира, ако некој смета дека треба да биде химна на Шарената револуција, нека биде така, секако од моја страна би било некоректно да наметнувам такво нешто. Песната е предадена на широкиот аудиториум и само тој суди што ќе биде понатаму со таа нумера. Поддршка за истата песна добивам, закани ниту сум добил, ниту пак ме интересира дали ги има, затоа што верувам дека во таа песна нема ништо лошо, бидејќи знаеме дека секој нормален човек чезнее за правда и мир од сите аспекти.

Фокус: Кај нас е вообичаено обичните луѓе да се ,,експерти,, за се, па секојдневно на социјалните мрежи им даваат совети на политичарите, даваат примери како тие мислат дека е најпаметно да се постапи во одредена ситуација, кога би биле на пример во кожата на некој од политичарите. Кога вие би биле во кожата на претседателот Ѓорѓе Иванов еден ден, што би смениле во нашата држава?

Бени: Искрено, не би сакал да бидам во кожата на Иванов затоа што тој и јас сме два различни света, посебно ако знаеме и сме свесни дека неговата функција има огромна одговорност подеднакво кон сите граѓани на оваа земја, а не сум баш сигурен дека тој е одговорен политичар. Така да, со целосна почит кон институцијата претседател, ама некако не го доживувам како свој, и се надевам дека наредниот ќе биде неспоредливо подобар и поквалитетен за сите граѓани на оваа земја, затоа што задача на секој претседател е да му служи на својот народ и на сите граѓани, без разлика дали го добил нивниот глас или не! Сега имаме сосема спротивна ситуација, за жал.

Поврзани новости