Интернетот и кризата го „убија” панаѓурот!

by fokus

Преполовен број на штандови и слаба раздвиженост во центарот на градот е денешната слика во Неготино, каде започна одржувањето на стопанската манифестација Неготински панаѓур.

Настанот кој се одржува повеќе од сто години и претставува еден вид на централна манифестација во градот, годинава не може ниту приближно да се спореди со она кое беше во минатото.

По пауза од две години поради пандемијата со корона вирус, Неготинскиот панаѓур се врати во сосема поинакво руво. Главната улица ,,Маршал Тито” каде во минатото имаше десетици штандови во должина од неколку стотина метри, сега е празна.

И во други улици, на старата чаршија, ги нема традиционалните тезги. Најмногу штандови има на самиот плоштад.

Причината за значително намалениот број на штандови, многумина ја препишуваат на глобалната економска криза.

Тезгаџии кои имаат свои штандови во Скопје, во Шуто Оризари, а кои со децении беа редовни на Неготински панаѓур, за ,,Фокус” велат дека имаат премногу трошоци, па затоа и не изнајмиле штанд годинава.

Но, појаснуваат дека во изминативе години, посебно откако се случи пандемијата, многу добро им оди работата преку интернет продажба на своите текстилни производи.

-Околу 2.000 денари изнесува изнајмување на штанд за метар квадратен. Имаме патни трошоци, треба да поминеме таму четири дена, бидејќи во минатото ја поставуваме тезгата уште на 20-ти септември навечер, имаме и други трошоци. Тоа што е напорно да се седи надвор по 24 часа, да се спие на отворено, да се користи јавен тоалет и да немаш каде да се истушираш четири дена, е веќе друга приказна.

Среќа, добро ни оди бизнисот со онлајн продажба, па оваа година се поштедивме од исцрпните панаѓурски денови – раскажуваат продавачи на текстил од Скопје.

Годинава го нема ниту сточниот пазар, кој во минатото беше лоциран во дворот на Спортската сала Младост. Тогаш имаше многу поплаки од граѓани, кои се жалеа дека спортски центар не смее да се користи како сточен пазар.

За продажба на стока, продавачите имаа обврска да и платат на општината по 600 денари од грло добиток.

Од општината уште пред неколку недели ни изјавија дека сточниот пазар е забранет, и информираа дека оваа година се очекува да има околу 300 штандови.

Во Кавадарци пак, традиционалниот есенски панаѓур нема да се одржи. Како што ни изјави градоначалникот Митко Јанчев, причината е да се поддржи локалната трговија, бидејќи секоја година по завршување на панаѓурот локалните трговци се жалат дека имаат значително опаднат промет, поради тоа што граѓаните се снабдиле со она кое им е потребно од панаѓурските штандови.

Како изгледаше панаѓурот во минатото

-Не само поради поддршка на локалната трговија, туку и поради редот во градот, хигиена, фискализација и безбедност- вели градоначалникот. И пролетниот панаѓур кој се одржуваше во градот веќе неколку години наназад е укинат, најмногу поради поплаките на локалните трговци.

И во Неготино сопственици на продавници за текстил и обувки често се жалат дека тезгаџиите им го земаат целиот промет, па во наредните неколку месеци изразено ја чувствуваат кризата.

-Неготински панаѓур е осмислен да се одржува во овој период кога веќе е набрано и предадено грозјето, кога луѓето добиле пари за реколтата. Со децении сведочиме како парите на граѓаните се излеваат кај тезгаџиите од страна, кои за три дена ќе си заминат, а ние кои овде живееме од продажба на нашите производи, редовно по панаѓурот се соочуваме со тежок економски период – раскажуваат локални трговци.

Но, освен по штандовите на кои се продава ,,од игла до локомотива”, панаѓурот е препознатлив и по раздвиженоста во угостителските локали.

Има голем број на маси поставени на плоштадот од страна на угостители од други градови, како на пример познатата Лесковачка скара, а и во локалните кафеани најчесто има жива музика и капацитетите се полни во тек на сите три дена.

Уште синоќа во многу локали беше доста раздвижено, со бендови и многу посетители, кои се загреваа за наредните панаѓурски денови, а економската криза која ги ефектирала тезгаџиите, очигледно ги одминала кафеанџиите кои работата со полна пареа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости