Инспекцискиот надзор утврдил дека увозникот по грешка залепил стари декларации кај дел од МРП вакцините

by Фокус

Министерството за здравство соопшти дека вонредниот инспекциски надзор кој во изминатите два дена го извршила комисијата формирана по барање на ресорниот министер Венко Филипче покажала дека сите МРП вакцини со кои се имунизираат децата се со важечки рок и се целосно безбедни.

При надзорот била извршена контрола во повеќе вакцинални пунктови и биле детално исконтролирани фабричките рокови втиснати на сите кутии и на внатрешните пакувања од страна на производителот, при што, според Министерството, било утврдено било дека сите вакцини се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година.

Патем, надзорот констатирал дека од страна на увозникот, компанијата Македонија лек, бил направен технички пропуст, бидејќи компанијата кај мал број од пакувањата залепила стари декларации.

„Залепените декларации биле од претходниот увоз кој бил со важност до октомври 2018 година. За оваа констатација на инспекцијата ја информиравме и компанијата Македонија лек. Родителите и граѓаните може да бидат спокојни и слободно да продолжат со редовната имунизација на децата“, порачуваат од Министерството.

Отако беше прогласена епидемија од морбили, досега се вакцинирани 1.102 деца.

Поврзани новости