Ингеренции на специјалниот јавен обвинител, има целосна автономија во гонењето на кривичните дела

by Фокус 13:18
13:18

Пратениците денес до Собранието го доставија предлог законот за Специјалниот јавен обвинител кој нешто повеќе од месец дена го подготвуваа партиите под медијација на белгискиот експерт, Питер Ван Хоуте,  евроамбасадорот Аиво Орав и амбасадорот на САД, Џес Бејли. Интегрално ви пренесуваме дел од предлог законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Јавниот обвинител има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Ниту еден јавен обвинител во Јавното Обвинителство на Република Македонија, вклучувајки го и Јавниот Обвинител не може да влијае на неговата работа, или да бара извештаи поврзани со предмети од Јавниот Обвинител или јавните обвинители во рамките на Јавното Обвинителство.

- Advertisements -

Јавниот Обвинител ќе предложи листа на кандидати до Советот на Јавни Обвинители од редот на постојните јавни обвинители за избор во Јавното Обвинителство. Советот ќе ги избере јавните обвинители во Јавното Обвинителство на седница на која се присутни најмалку 2/3 од вкупниот број на членови, при што има мнозинство од гласови од членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.

Мандат од 4 години со право на повторен избор

Според Предлог-законот, Советот на јавни обвинители по предлог на Собранието, без објавување на јавен оглас, го избира Јавниот обвинител, со мандат од 4 години со право на повторен избор.

„Собранието ќе го утврди кандидатот за Јавен обвинител со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство и ќе го поднесе до Советот на јавни обвинители на Република Македонија. Советот ќе го избере јавниот обвинител на седница на која се присутни најмалку две третини од вкупниот број членови“, се наведува во законското решение.

Владата е обврзана да да обезбеди финансиски средства за непречена работа на обвинителот

Специјалниот обвинител, се вели во законското решение,  ќе има обезбедено соодветни финансиски ресурси.

„ Во рок од 30 дена од назначувањето, Јавниот Обвинител ќе поднесе општ работен, персонален и финансов план до Собранието за известување. Во рокот од став (2) на овој член Јавниот Обвинител ќе го поднесе општиот работен, персонален и финансов план до Владата на Република Македонија и Советот на Јавни Обвинители за имплементација.

Владата на Република Македонија е обврзана да обезбеди финансиски средства за непречена работа на Јавното Обвинителство согласно планот од став (2) на овој член, не подоцна од  35 дена од влегување во сила на овој закон.

Јавниот Обвинител може да поднесе дополнителни барања за финансирање на неговиот или нејзиниот напредок во работата“, се вели во Предлог-законот.

Платата на специјалниот обвинител се предвидува да биде 10% пониска од платата на Јавниот обвинител на Република Македонија.

Министерството за правда да обезбеди простории во рок од 3 дена

Министерството за правда, според законското решени, е должно да обезбеди основни простории за работата на Јавниот Обвинител во рок од 3 дена од стапувањето во сила законот, а комплетни просторни услови за Јавното обвинителство во рок од 35 дена од стапувањето во сила на законот.

„Просториите ќе бидат надвор од објектите на Јавното Обвинителство на Република Македонија со цел да се постигне фактичка и соодветна изтражителска и обвинителска независност.

Министерството за Правда ќе му обезбеди на Јавното Обвинителство доволни компјутерски и информатички ресурси. Јавниот Обвинител ги има сите овластувања и надлежности во поглед на пристап до податоци и информации како Јавниот Обвинител на Република Македонија и Основниот јавен обвинител за организиран криминал и корупција“, се вели во Предлог-законот.

Предлог-законот содржи 23 одредби и се заснова на начелата: законитост, автономија на Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, хиерархија и субординација.

По едномесечно кршење копја меѓу двете најголеми партии, гевгеличанката Катица Јанева е избрана за нов специјален обвинител.

Поврзани новости