Инфлацијата во Турција урива рекорди, лирата падна на најниско ниво

by Fokus

Стапката на инфлација во Турција, мерена преку растот на потрошувачките цени, во април достигна речиси 70 отсто на годишно ниво, според денешната прелиминарна статистика.

Индексот на потрошувачките цени се зголеми за 69,97 отсто на годишно ниво минатиот месец од 61,14 отсто во март, објави турскиот статистички институт Туркстат, додавајќи дека месечната инфлација во април пораснала за 7,25 отсто, објави „Блумберг“.

Цените на енергијата скокнаа најмногу на годишно ниво, забрзувајќи од 102,9 отсто во март на 118,2 отсто во април, додека цените на храната, кои сочинуваат околу една четвртина од потрошувачката кошница, пораснаа за 89 отсто во однос на истиот месец во 2021 година.

Инфлацијата на цените на производителите во Турција, исто така, забрза на 122 отсто во април поради глобалните цени на суровините, при што компаниите веројатно ќе ги префрлат зголемените производствени трошоци на потрошувачите, што укажува на тоа дека најлошото допрва доаѓа за турските купувачи, објави агенцијата.

Ова е највисоката стапка на раст на цените на производителите од март 1995 година, чиј процент трет месец по ред останува над 100 отсто.

Производителите „нема да можат целосно да ги апсорбираат многу високите производствени трошоци, поттикнати главно од цените на енергијата, и ќе мора да префрлат барем дел од тој товар на своите клиенти, што ќе резултира со подолг раст на потрошувачките цени“, рече Пјотр Матис, аналитичар во компанијата InTach Capital Markets, следејќи го извештајот за инфлација.

И покрај влошените изгледи, турската централна банка очекува дека инфлацијата ќе почне да забавува во јуни, а претходно посочи дека нема да ја заостри монетарната политика, што „Блумберг“ верува дека ќе го зголеми јазот меѓу Турција и глобалната економија.

Ова несовпаѓање ја изложува националната валута, лирата, на дополнително слабеење. Турската лира веќе изгуби околу една десетина од својата вредност во однос на доларот оваа година, а нејзината депрецијација брзо се пренесува на понатамошен раст на потрошувачките цени во високодоларизираната економија на Турција.

Лирата ослабе за 0,8 отсто на 14,85 лири за долар по статистичкиот извештај за инфлацијата, пренесува „Блумберг“.

Поврзани новости