Инфективна: Четиримесечното бебе е излекувано, се чекаат резултатите од мајката

by Fokus

Откако денеска, Александра Ангелова, мајка на четиримесечното бебе од Кочани кое беше заразено со корона вирус на својот фејсбук профил упати критики кон дел од вработените на скопската Инфективна клиника, како и кон самиот начин на лекување, со демант се јавија и од Управата на клиниката.

„Во целата оваа вонредна ситуација и напорот со кој се соочуваат вработените на Инфективна клиника во борбата со Корона вирусот, до сега за време на лекувањето на сите пациенти кои лежеле на клиниката со Ковид -19 не сме имале реакција или незадоволство од третманот во Клиниката. Жалиме што ваков тип на незадоволство го дознаваме од социјални медиуми, а не за време на лекувањето кое во конкретната ситуација трае 14 дена – се наведува во демантот од клиниката. 

Од таму тврдат дека во целост ги демантираат наводите на мајката со 4-месечното бебе која тврди дека “лежат во болница и ниту еден доктор за тоа време не дошол да им ги каже резултатите од тестовите за Ковид-19.”

„Појаснуваме
 дека на мајката  во повеќе наврати и е објаснета здравствената состојба на детето како и потребата за земање два последователни бриса. Детето секој ден редовно се прегледува и најмалку 3 пати влегува дежурна лекарска служба. На мајката и се обезбедуваат сите расположливи услови, од бокал за греење на вода, козметика за бебето, снабдување со вода и други продукти кои ги добива Инфективната Клиника како донација. Детето е интензивно контролирано по препорака од педијатар и покрај добрата клиничка слика – се наведува понатаму во демантот упатен до мајката.

Од Инфективната клиника додаваат дека денеска нема да бидат испишани од болницата, не поради детето, чии брисеви се негативни и комплетирани, туку поради очекување на резултатот на брисот од мајката.

„Она што е најбитно е дека и детето и мајката се во одлична здравствено состојба, и доколку биле занемарени во третманот ова немало да биде случај. Разбираме дека пациентите за време на долгото лекување го губат трепението, но ние како здравствена установа мораме да се држиме до сите протоколи за болничко лекување и не смееме да испишуваме пациенти пред истите да бидат исполнети. Дополнително, Управата на Инфективна клиника, следејќи ги сите стандарди за професионално работење, ќе покрене интерна постапка за разрешување на состојбата со потенцирање дека се пратат сите протоколи за болничко лекување на пациентите кои лежат на клиниката. Како клиника максимално се залагаме да се почитува куќниот ред со цел да не се создава паника и да имаме поголема ефикасност во работењето – се наведува во демантот од Инфективна.

И.М.

 

Поврзани новости