Индустриски отпад предизвика помор на риби во Вардар, покажуваат анализите

by fokus

Првичните анализи од водата во Вардар покажуваат дека загадувањето кое вчера предизвика помор на риби, било предизвикано од индустриски отпад. Како што дознава „Фокус“ во примероците вода од реката било утврдено присуство на металуршки отпад, односно железо во форма на р’ѓа. Од таму и портокаловата боја во која беше обоена реката.

Овој отпад причинува гушење кај рибите, односно ги затнува нивните шкрги, поради што тие не можат да преживеат.

Загадувањето инаку потекнува од кругот на „Железара“, но инспекциските служби допрва ќе утврдуваат која фабрика е виновна за катастрофата. Од челичарницата „Макстил“ синоќа негираа дека отпадот доаѓа од кај нив и соопштија дека водата на нивниот излез била бистра.

Ова не е прв пат индустриски испуст од објектите на „Железара“ да се влева во Вардар и да предизвика хаварија, поради што невладините организации за заштита на животната средина бараат построги казни за причинителите.

М.В.

Поврзани новости