Индира Кастратовиќ: Преку трње до ѕвездите

by Фокус 11:56
11:56

Индира Кастратовиќ, родена Јакуповиќ, беше дел од екипата која ги создаваше темелите на женскиот  ракомет во времето кога Македонија стануваше независна, надвор од Југославија. Потекнува од Приједор, но во најранливите денови од воениот период на нејзината родна Босна, таа го почнува својот подем како ракометарка. Таа беше дел од најголемите успеси на Кометал ЃП, но и на женскиот национален тим на Македонија.

На СП 1997 во Германија беше прогласена за најдобар стрелец.  Сега е актуелен тренер на ЖРК Вардар. Хороскопот ја определува како Вага, родена на 2 октомври, која знае да балансира. Ни откри дека Вагите не се баш спортски типови, па за нејзиниот спортски дух веројатно пресуден е подзнакот – Јарец.

Среќна и вљубена и по 26 години заеднички живот со нејзиниот Зоран, човек со кој ја делат страста кон ракометот, на 12 јуни годинава ќе одбележат 20 години брачна среќа. Индира Кастратовиќ е изборот во Пет ѕвезди со Скопје Сити Мол оваа недела. Таа со емоции сподели некои моменти од својот живот, преплетен со радост, успеси, но и рани што ги создаде војната во нејзината Босна. ФОКУС: Деновиве Босна на извесен начин е повторно центар на внимание. Актерката Анџелина Џоли уште еднаш пристигна таму за да им даде поддршка на жените жртви на насилство во војната. Како вие го доживувате сето тоа? Имате ли некои блиски луѓе кои поминаа низ тој навистина тежок период? Заврши ли сето тоа или сѐ уште раните не се залечени?

- Advertising -

ИНДИРА: Па, добро, за време на војната јас играв во Србија, а потоа дојдов тука во Македонија. Војната сѐ уште траеше. Јас, па и моите блиски, не сакавме многу да зборуваме. Едната сестра беше во Америка, другата во Шведска, брат ми беше во Лондон. Само мајка ми и мојот покоен татко останаа во Босна, па мораа да се селат од Приједор во Зеница, па потоа назад. Долго време не можевме ни да влеземе во нашата куќа…

Постојат некои работи кои се трудам некако да ги  заборавам, да ги потиснам во себе. Не сакам за нив да зборувам ни со своето семејство, не сакам да зборувам за тоа време ни со други луѓе. Кога моите зборуваат за тоа време, многу е тешко, па често многу работи не ни ги споделуваат со мене, затоа и јас не ги форсирам. Кога ќе одиме таму, јас секогаш викам, господе колку е весел овој народ, што сѐ поминаа, пак се насмеани. Затоа посакувам само да има мир. Секогаш кога можам, се обидувам да помогнам. Тоа се многу тешки и болни спомени. Еве на пример јас, во 1996 година не можев да одам на погребот на својот татко. Поради војната имаше барикади насекаде, па бев спречена да влезам таму. Кој не го почуствувал тоа, не може да знае како изгледа и што носи војната.

ФОКУС: Не сте пробале ли да сторите нешто како јавна личност, да направите некаква кампања за Босна?

ИНДИРА: Јас во Босна и не сум толку позната личност, да бидам искрена. Кога јас ги постигнував најдобрите резултати во својата кариера, тие беа во војна, па не беа во можност да го следат она што го правев јас. Ќе ви раскажам една приказна. Ме повикаа од Приједор да дојдам и да присуствувам на настанот Спортист на годината. Јас прифатив да дојдам. Тие ми понудија во неколку црти да ја опишам својата кариера, своите достигнувања. Кога јас почнав да им ги кажувам сите успеси, луѓето од организацијата останаа без зборови. Јас донесов и едно цеде со слајдови од моите голови, за да може тоа да оди во заднина, во миговите кога ќе се појавам јас.

Настанот се случуваше во театарот на Општина Приједор. Таму ме знаат само најблиските, и тоа како Инда. Требаше да ја предадам наградата за спортист на годината. Кога почна најавата за мене, настана молк и сите почнаа да се вртат во салата, за да видат која е таа личност. Дури и самиот градоначалник ми рече дека не знаел до тој момент за моите достигнувања. Коментарот на сите луѓе од Пиједор што беа присутни беше дали постои ваква личност од нашиот град која успеала толку. Зошто ние не знаеме ништо за неа. Шетајќи низ Скопје Сити Мол, кој беше преплавен со маскирани дечиња за кои очигледно 1 април е вистински ден да бидат јунаците што ги сакаат, ние ја вративме во детството.

ФОКУС: Со ракометот се дружите од своето детство. На 15 години во Приједор. Тоа беше вашиот детски сон?

ИНДИРА: Не, јас до таа возраст играв и кошарка и ракомет, едноставно бев надарена за секој  спорт. Но, уште поинтересно е дека до осмо одделение воопшто не сонував за спортска кариера, ме интересираше играта, бев член на една фолклорна дружина. На возраст од 15-16 години, во склоп на моето средно образование, еден професор ме забележа, па така  почнав малку попрофесионално да се занимавам со овој спорт.

ФОКУС: Во раните 1990-ти доаѓате во Македонија. Тоа беше оној најчувствителен период во кој се најдоа сите од поранешна Југославија. Како се случи да ја изберете Македонија?

ИНДИРА: Во Македонија дојдов во 1994 година од Белград. Една година претходно, во 1993 игравме еден турнир тука во Македонија. Во Србија имаше санкции, па ние тука сакавме  да си купиме одредени нешта кои ги немавме во Белград. Ни требаше детергент, основни средства за одржување хигиена и некои такви слични продукти кои ни недостасуваа.

Се сеќавам, нѐ однесоа на Кванташки пазар, на Бит-пазар, а бевме сместени во некој хотел во Кисела Вода. Врз основа на тоа движење, јас си создадов некаква слика за Македонија, за Скопје. Се разбира, тоа не беше вистинската слика, но јас ја имав врз основа на моето движење. Јас во суштина не го видов вистински Скопје, па затоа и ете така некако чудно го доживеав.

Па, кога ми се јавија и ме поканија да дојдам да играм за Македонија, не сакав да прифатам. Мојот сопруг ме убедуваше, па некако успеа. Дојдов и потпишав договор, прво на две години, потоа на уште две, па уште две, и еве ме, уште сум тука. Сега не ми е воопшто жал за таа моја одлука. Тука и луѓето се некако слични како во Босна. Нема некоја голема разлика. Ми недостасува моето семејство, но секогаш кога имам слободно време, ги посетувам. Во Скопје Сити Мол често имавме можност да ја видиме. Денес уживаше во прошетката, но претходно се дружеше со дечињата кои сакаат да научат да играат ракомет, додека нивните родители уживаа во шопингот низ трговскиот центар.

ФОКУС: Паралелно со Кометал бевте дел и од македонската ракометна репрезентација. Во 1997 година, Македонија избори пласман на Светското првенство во Германија. На СП 1997 во Германија беше прогласена за најдобар стрелец. Беше ли тешко на Европа да ѝ се покаже еден нов ракометен дух кој доаѓа од оваа земја? Ве погоди ли моментот дека за најдобриот стрелец во тоа време не се одвои доволно простор?

ИНДИРА: Да. Мислам дека јас сум единствениот најдобар стрелец кој  немаше официјално прогласување. Претходно се даваа одредени подароци, признанија. Секако тоа не  е важно. Но, важно беше да се обележи тоа, а тоа едноставно не се случи. Мислам дека ние сите ги шокиравме. Тие едноставно беа збунети. Една Македонија за нив беше тотален аутсајдер. Прво нѐ прашуваа каде е, па моравме да објаснуваме каде се наоѓаме. Не сум сигурна дали тоа што се случи, беше случајно или намерно. Тоа само требаше да се испочитува како што секогаш налагаат протоколите на таквите првенства. Сепак, Германија е земјата која секогаш води сметка за тие работи.

Мене ми е жал, но од друга страна ми беше драго што македонскиот амбасадор дојде со 71 роза. Тој самиот кажа, ако тие те заборавија, јас ќе го исправам тоа. Тоа ме исполни, ме направи посреќна. Плус драго ми е што по година, две од тогаш веќе не нѐ третираа како аутсајдери. Сите сега знаат која е Македонија. ФОКУС: 2002  е година на незаборав. Кометал стана европски шампион, кога во реваншот од финалето му даде десет гола на Херц Ференцварош. Претпоставуваме се сеќавате на целата еуфорија кога сите сплотено ви се радувавме?

ИНДИРА: Тоа не може да се опише. Денес го сретнав Игор Караџиќ. Ни самиот не можеше да верува што се случи на аеродром кога Вардар по успешниот викенд се врати дома. Јас му реков, е да знаеш како беше кога ние ја освоивме Лигата на шампионите. Кале беше преполно, плоштадот беше преполн. Цела Македонија едноставно живееше за тоа. Ако продолжите и вие понатаму, уште повеќе ќе ја доживувате таа еуфорија, таа радост на оваа прекрасна македонска публика. Тоа на аеродромот е многу малку.

Мене и ден-денес морници ме лазат кога ќе се сетам на таа 2002 година. Се  сеќавам дека почна да врне. Никој не си заминуваше од плоштадот. Ние имавме обврски околу доделувањето на признанијата, а луѓето цели два часа, и покрај дождот, останаа да нѐ чекаат на плоштадот. Тоа се некои работи кои не можат да се платат со ништо. Тие едноставно остануваат засекогаш. Еве сега, по 12 години, кога зборувам за тоа, сѐ уште ги имам тие емоции, сѐ уште се големи. ФОКУС: Во моментов сите ние сме горди затоа што повторно ракометот се покажува како спорт во кој Македонија има што да покаже. Како изгледа сето тоа кога еве понекогаш мечевите се следат и професионално, но едновремено и како публика? Еве како вие го доживувате успехот на Металург и на Вардар?

ИНДИРА: Уживав. Тоа беа два одлични меча. И двете екипи навистина се покажаа. Металург со Колдин, тие на некој начин веќе имаа предност од претходниот меч, па некако за нив сите бевме поопуштени. Како да знаевме дека ќе поминат. Но, Вардар  со европскиот првак Хамбург беше поинаков меч. Со оглед на тоа дека претходниот меч беше нерешено, сите некако ги испратија со она, ајде нека помине. Но, Вардар беше мотивиран. Изиграа перфектни 60 минути. Головите ги постигнуваа од сите позиции. Беше прекрасно да се гледа. Тоа беше бум за цела Европа.

Ги следев коментарите потоа, сите спортски страници од Балканот беа горди на нас. Сите успехот го доживуваа како да е нивен, како да се случи кај нив. Ова што го направија и Вардар и Металург, тоа е  навистина пресврт. Цела Европа бруи за тоа. Посакувам, да даде Господ, да поминат добро и понатаму. Сега веќе сите противници се тешки. Сега сме веќе во елитните осум. Таму веќе нема лесен противник. Ова е многу добро за Македонија. Сега сите нѐ знаат. Скопје е единствениот град кој има дури две екипи во Лигата на шампионите. Плус и женска репрезентација. Тоа е најголемиот успех досега.

ФОКУС: Како изгледа атмосферата дома кога се следи еден ракометен меч, дали љубовта во тие мигови е оставена настрана,  поради љубовта кон спортот?

ИНДИРА: Сега кога ги гледам мечевите, не гледам како играч, ниту како навивач. Гледам како тренер. Сакам да  ги анализирам нивните тактики. Кога гледаме и двајцата, не се знае кој од нас е посмирен. Овие денови имаше многу ракомет. И мажи и жени. Ние двајцата следиме сѐ, на телевизор еден меч, на лаптоп друг меч. Влегува нашата ќерка и вели, па добро дали ова е можно? И веднаш нѐ напушта, оди во својата соба. Таа не може да го смисли тоа што ние го правиме.

Ние додека следиме, не правиме анализи, туку едноставно уживаме. Понекогаш од тие мечеви гледам и нешто да извлечам, некаква стратегија, која ќе ја прилагодам. Па, да бидам искрена, од машкиот ракомет може да се научи и да се  извлече нешто плус. Додуша викендов бевме и малку навивачки расположени, што е разбирливо. А морам и да признаам дека има разлика меѓу машкото и женското следење на мечевите. Во духот на нејзиниот спортски темперамент, пробавме да добиеме сугестии за да ја одбереме најдобрата спортска опрема во „Спорт вижн“. Ова е најголем малопродажен синџир на спортски обувки, облека и опрема на територијата на поранешна Југославија со над 100 продавници сместени во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Македонија.

ФОКУС: Екипата на ЖРК Вардар успеа да ја освои својата прва, историска, шампионска титула во домашниот шампионат, откако и по вторпат го совлада големиот ривал Металург во финалната серија од плејофот. Се исполни ли со ова вашиот сон како тренер? Каква е Индира како тренер, дали сте строги, воведувате ли одредени ограничувања кога се игра некој клучен меч?

ИНДИРА: Па, добро, јас играв ракомет во едно друго време. Ова е сосема различно време. Јас се обидувам да се вклопам во сето она што го правиме заедно. Од една страна, јас сум нова во улогата на тренер, а девојките, морам да споменам, се професионалки. Ако им кажам, на пример, дека им дозволувам да бидат дома три дена, ама одработи ја теретаната, јас знам дека таа тоа ќе го стори, па затоа и не размислувам дека ќе сака да забошотува. Јас сум повеќе како некој психолог кој се консултира со нив. Сепак, тоа се професионалци, а јас не сакам да глумам некаков полицаец што ќе ги контролира. Е, во мое време беше поинаку. ФОКУС: Пласманот меѓу осумте најдобри на сметката на Вардар доби стимулација од 20.000 евра. Сметате ли дека треба спортските стимулации треба да бидат поголеми, како што тоа се прави во светот?

ИНДИРА: Па, добро, јас сметам дека треба да има повеќе спонзори кои ќе инвестираат во клубови. Тоа ќе го подобри квалитетот во лигата, но и ќе ја зголеми конкуренцијата. Тоа само по себе ќе ги исфрла најквалитетните на површина. Мене ми е жал за една Битола која беше град на ракометот, Струга од која имаме многу добри играчи, да немаат услови да работат. Кај нас е малку специфично, ако дадеш на едни, другите се бунат зошто не си дал и кај нив. Затоа сметам дека спонзорства се неопходни.

ФОКУС:  Се вели дека ракометот е еден од спортовите во кои сумите што се добиваат за трансфери или за плата, па дури и најдобрите играчи во светот се далеку од сумите што се исплаќаат за фудбалерите, кошаркарите, тенисерите? Има ли вистина во оваа теза?

ИНДИРА: Па, добро, фудбалот не може да се спореди ни со еден друг спорт. Не ни треба. Секаде  во светот тој е број еден. Тенисот е следен. Таму се работи за машинерија. Кога ќе се наполни само еден стадион, тоа едноставно не се споредува со она што го има во ракометот. Тоа секогаш е така. Ние сме среќни, сепак, затоа што сега во Македонија ракометот е спорт број еден. Веќе долго време е така. Искрено луѓето што се занимаваат со еден спорт професионално, не го гледаат тоа така. Тие го работат тоа што го знаат најдобро што можат. Другото едноставно не допира до нив.

ФОКУС: Вашата екипа Вардар е во 4-те најдобри во Лигата на шампионите. Какви се вашите предвидувања? Како една хороскопска Вага ги мери нештата што ги има со нештата што треба да ги добие?

ИНДИРА: Знаете како, Вагите не се по спортот. Но, мојот подзнак е Јарец, па мислам дека мојата спортска природа е токму од него. Јас знам да балансирам кога треба да се направи тоа. На теренот сѐ е поинаку. Ние имаме мотив кој нѐ води. Тоа е она што е важно. Ние кога ја почнавме оваа година, прво викавме ајде да поминеме квалификации само. Потоа, кога се случи тоа, следно беше само уште овој меч. Понекогаш дури и девојките од тимот се шегуваат со мене, леле пак ти само уште овој меч. Секој човек што ја работи работата што ја сака, сака да чекори напред кон нови успеси. ФОКУС:  Се откажавте од светска слава. Зошто одлучивте да се вратите назад во Македонија?

ИНДИРА: Па, да, имав одлична понуда, но јас останав тука. Едноставно, некако претпоставував дека целиот мој живот јас ќе бидам тука. Понекогаш, славата и парите не се толку важни. Поважна е атмосферата што ја имате, атмосферата во која живеете. Јас едноставно знаев дека во Македонија ќе останам, ја доживувам како свој дом.

ФОКУС: Ракометот на некој начин ви ја донесе и љубовта во животот. Во брак сте со  ракометниот стратег Зоран Кастратовиќ со кого ја имате ќерката Сара. Дваесет години брак во јуни годинава, заедно повеќе од 26 со човек, кој, исто така, има успешна кариера во овој спорт. Кои се најубавите мигови од вашиот заеднички живот досега, на кои со задоволство се сеќавате? Дали можеби ракометот беше алката што ве спојуваше успешно целото време? Има ли и во бракот одредени тактики кои помагаат?

ИНДИРА: Нормално дека има. На 12 јуни годинава славиме точно 20 години брак. Она што нѐ задржа заедно сето ова време е довербата. Таа е на прво место. Јас толку многу му верувам, што во ниеден момент не помислувам каде е сега. Исто е и со него. Еве, на пример, во еден период јас бев на крстосување, тоа се случи во 2000-та. Бевме три ракометарки на кои по финалето тоа едноставно им беше потребно. Зоран во ниеден момент не ме нападна со прашања. За другите луѓе тоа изгледа малку чудно. За нас, тоа е нормално. Тоа е еден здрав однос што го имаме и го негуваме. Ние се запознавме од нула. Двајцата заедно дојдовме тука. Можеби и тоа е пресудното што нѐ спојува. Градевме нешто заедно. Не се променивме, што е најважно.

Кога двајцата градат кариера, доаѓа момент во животот кога еден треба да ја остави својата малку на пауза. Тој знаеше дека јас на пример во еден период можев да успеам повеќе и само ме поддржа. Ме следеше. Сигурно не му беше лесно, да биде сопругот на Индира. Често се шегуваме дека успеавме затоа што тука нема наши, од обете страни, па нема кој да се меша. Довербата, почитта и искреноста се клучните алки. Ние немаме тајни еден од друг. Ние и по 20 години се држиме за рака и се бакнуваме. Ете такви сме.

ФОКУС: Вашата ќерка Сара се одлучи за музичка кариера, покрај двајца врвни ракометари по дома. Не покажува ли интерес  за ракометот?

ИНДИРА: Сара се занимава со хип-хоп. Ракометот не ја интересира. Јас ја разбирам. Мајка ѝ беше отсутна поради ракометот, па бев повредена повторно во ракометот. А би можела да биде талентирана за ракомет. Висока е 1,72. Но, ние не ја форсираме. Го почитуваме нејзиниот избор. Па, и во моето семејство никој не играше ракомет, па јас станав ракометарка. ФОКУС: Каква е Индира надвор од спортското тло? Каква е како жена, како мајка? Кои работи ве опуштаат?

ИНДИРА: Домаќинка (се смее). Мојот сопруг навистина многу добро готви, па ќе биде штета да му го упропастам тоа задоволство. Јас не сум по готвењето, затоа и не сакам да му се мешам. Нашата убава прошетка со расположената Индира во Скопје Сити Мол ја заокруживме со шопинг во „Мотиви“.

Поврзани новости