ИН МЕМОРИАМ: Александар Ѓурчинов, режисер на „Исправи се Делфина“

by Фокус

Александар Ѓурчинов почина во 81 година од животот.

Тој со своето работење остави силна трага во македонската кинематографија. Две негови дела ќе останат трајно врежани во историјатот на македонската кинематографија.

Тоа се документарниот филм ВЕСНИЦИ, ВЕСНИЦИ за што е награден со државната награда 11 Октомври (1966).

Попознат за пошироката јавност е играниот филм ИСПРАВИ СЕ ДЕЛФИНА, за којшто ја добива Бронзената арена за режија на Филмскиот фестивал во Пула, Третата награда за сценарио на фестивалот во Врњачка Бања, потоа Наградата ЦИДАЛЦ (1978), Наградата за најдобар дебитант од весникот „Зум репортер“ (1977) во Пула и други.

Тоа е извонредна филмска приказна за девојката Делфина, која е решена да ги совлада сите оние тешкотии и разочарувања што ги носи со себе животот и да истрае во совладувањето на водите од каналот Ла Манш.

Ѓурчинов во 1962 година дипломира уметност во Белград. Долги години се занимаваше со киноаматеризам. Во 1958 година го добива првиот професионален ангажман на филм, како асистент по режија во копродукцискиот филм ДУБРОВСКИ на режисерот Вилијам Дитерле. Ѓурчинов се јавува и како асистент и помошник-режисер на повеќе режисери, меѓу кои е и познатиот француски режисер Кристијан Жак, кај кого работел за време на студискиот престој во Париз.

Долги години Ѓурчинов беше директор на „Македонија филм“ од каде даде сесрден придонес за македонската кинематографија.

Поврзани новости