Импичментот на Иванов на дневен ред во собранието

by Фокус

Во Собранието денеска е закажана седница на Комисијата за оценување на основаноста на предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов за одлуката за аболиција.

Комисијата треба да го разгледа предлогот поднесен од опозицијата за покренување постапка за утврдување на одговорноста на претседателот Иванов и има рок до понеделник да подготви финален извештај што потоа треба да го образложи на пленарна седница во Собранието.

„Иванов, злоупотребувајќи ја својата функција и надлежностите, спротивно на законските норми, донесе одлука за општо помилување со кое се прекинуваат сите постапки против политичари коишто се поврзани со политичката криза и со аферата прислушување. Овој акт претставува најгрубо кршење на Уставот и законите. Со него целосно се погазија правните норми и се срушија перспективите за враќање на правната држава и затоа претседателот мора да сноси одговорност…“, стои во образложението на опозиционерите на барањето за импичмент на шефот на државата.

Комисијата брои 11 члена на чело со претседател Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, од каде доаѓаат уште 5 члена, додека по два члена се од ДУИ и од СДСМ, а само еден од ДПА.

Евентуалната одлука за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорноста на шефот на државата треба да ја донесат најмалку 82 пратеници во Собранието на Македонија.

Поврзани новости