„Империјата“ се проширува и надградува, Камчев ќе гради нова болница и Медицински факултет

by Fokus

Една од последните бизнис-зделки на семејството Камчеви е надградба на болницата „Аџибадем-Систина“. Поточно, компанијата „Орка Холдинг“  преку аукција го купила земјиштето од фармацевтската компанија „Реплек“, кое се наоѓа во непосредна близина на приватната болница.

Според податоците од Катастарот на недвижности, се работи за 3 катастарски парцели лоцирани меѓу „Систина“ и „Реплек“ (889/24, 889/25 и 889/9), кои се во сопственост на друштвото „Кара“, чиј единствен сопственик, пак, е „Орка“.

Според Централниот регистар, како последен директор на „Орка“ фигурира Лилјана Гајдоска, чие име, исто така, можеше да се најде во случајот „Империја“, но и таа направи спогодба со Обвинителството.

Камчев во компанијата официјално фигурира до 2021 година, како неизвршен член на одборот директори, но повеќе не е во управувачките структури.

Информациите до кои дојдовме говорат дека новата бизнис-зделка, која оди преку „Кара“, односно „Орка“, Камчеви ги чини 1,5 милион евра. Обезбедена е дозвола за градба од 40.000 квадратни метри, а, според првичните проценки, планирана е изградба на уште една болница „Мајка и дете“, како и на Медицински факултет.

Воедно, „Фокус“ поразговара и со дел од вработените лекари, кои тврдат дека најверојатно новата болница што треба да се гради ќе биде наменета само за областите педијатрија и гинекологија.

Никој ништо посебно не кажува. Знаеме дека земјиштето е купено и на негово место е планирана изградба на нова болница. Најверојатно тоа ќе бидат Оддели за гинекологија и педијатрија, со тоа што сите лекари и медицински персонал од тие области би се префрлиле со работа во новата болница – тврди лекар, кој сакаше да остане анонимен.

Имено, според првичниот план на самата локација е предвидено да никне и Медицински факултет, кој ќе го следи примерот на турски Аџибадем.

Сепак, за да ја исполнат замислената мисија, мора да ја исполнат и законската регулатива, според која треба да се обезбедат соодветни простории и опрема за остварување високообразовна дејност, потоа со финансиски план да биде обезбедено одржливо ниво на финансирање макар за еден циклус на студии.

Исто така, Законот предвидува дека треба да се обезбеди и потребен број лица, кои ги исполнуваат условите утврдени за избор во наставно-научни звања.

Постапката за основање високообразовна установа почнува со изработка на проект, кој го подготвува Владата, односно органот што ќе го овласти таа.

Подоцна, проектот се доставува до Одборот за акредитација, за што членовите даваат свое мислење, а потоа се носи решение за акредитација најдоцна во рок од 90 дена од денот на поднесувањето на барањето за акредитација на проектот, кое треба да добие зелено светло и од Собранието.

Законската регулатива уште предвидува дека по донесувањето закон за основање јавна високообразовна установа или акт за основање приватна високообразовна установа, министерот надлежен за работите на високото образование, на предлог на Националниот совет, именува матична комисија од пет члена, која ги врши подготвителните работи за почеток на приватната високообразовна институција.

И на крај, за почеток со работа во решението се наведуваат студиските програми, бројот на студенти, бројот на вработени наставници со полно работно време, како и објектите во кои ќе се извршува високо образовната дејност.

Според нашите информации, приватната болница „Аџибадем-Систина“ располага со повеќе од 30 лекари професори, кои можат да вршат наставна дејност.

Ирена Мулачка 

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости