Имаме премногу бариери за рушење, и физички и ментално, вели Перо Костадинов по повод Денот на лицата со попреченост

by fokus

Трети декември ширум светот се одбележува како Меѓународен ден на лицата со попреченост, со цел да се подигне свеста за подобро разбирање на лицата со хендикеп, како и поттик на општеството за поголемо разбирање за нивното достоинство, права и олеснување на нивните животи полни со секојдневни предизвици.
Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов е познат по своите несебични залагања за инклузија во сите општествени сфери, кога се лицата со попреченост во прашање. Токму тој, помеѓу првите годинава изјави дека општината се откажува од новогодишното украсување на градот, а средствата ќе бидат пренаменети за децата со посебни потреби, односно за уредување на нови простории за потребите на Дневниот центар за деца со попреченост од општината.

Ова е само еден од низата на гестови со кои Општина Валандово и градоначалникот Костадинов редовно ја покажуваат својата грижа кон овие лица. Од здруженијата на лица со попреченост од неговиот регион, сведочат дека тој е редовен гостин и голем поддржувач на сите настани во нивна организација, а кои се со цел да се подигне свеста на јавноста.

Три години по ред тој учествува на настанот „Убави сме, свои сме“ во Струмица во организација на здружението ,,Вера”, ја дава својата поддршка и учествува во настанот ,,Штафета на еднаквоста”, како и во одбележувањето на денот на лицата со Даунов синдром и попреченост.

-Се стремам кон свет без предрасуди и стереотипи, кон создавање на општество со многу љубов и разбирање во него. Лицата со попреченост се дел од нас, имаат исти емоции и потреби, наша должност е да им подадеме рака, да ги вклучиме, и да одлучуваме заедно со нив, за нив.
Сонцето грее исто за сите нас, вели градоначалникот, кој за ,,Фокус” открива дека моментално приоритет му е да го стави Дневниот центар за лица со попреченост во Валандово на пиедестал, просторно и кадровски да го екипира.

-Набавено е возило за лицата со попреченост, во нашата општина работиме секојдневно за подобрување на нивните животни услови, за нивна инклузија во институциите, во општествениот живот. Се бориме за подобро утре, за ангажирање на лични асистенти, образовни асистенти, за подобар слух од страна на општествено – одговорните компании кои би им пружиле шанса и би им дозволиле да се докажат на работно место според нивните можности – раскажува Костадинов.

Околу тоа што е редовен учесник на настаните кои пред пандемијата се организираа од страна на здруженијата на лица со попреченост, вели дека ниту еднаш, за секунда не се двоумел да прифати покана и со тоа да се обиде да придонесе пораката да стигне до сите, дека сме исти, дека мораме да им дадеме шанса и можности за достоинствен живот и прифаќање на лицата со попреченост.

За време на настан кој неодамна се организираше на денот посветен за подигање на свеста за аутизмот, тој дури и седна во количка, со цел да може да долови дел од моментите и предизвиците со кои се соочуваат лицата на кои им е неопходна инвалидската количка.

-Премногу бариери, дури ни десет минути не се потребни да се сфати тоа, дека имаме премногу бариери за рушење, и физички и ментално. Прилагодување на условите за полесна мобилност, поставување на соодветни рампи, но и рушење на бариерите создадени од предрасуди, долг пат не чека за да лицата со попреченост конечно се почувствуваат еднакво важни и со исти права во нашето општество. Не е доволно само еден ден во годината да се одбележи нивниот ден, туку сите ние, заедно треба секој ден, секој според своите можности, да дадеме максимум за да им се олесни секојдневието. Приоритет ми е нивната инклузија, жал ми е што оваа година поради пандемијата нема да се дружам со децата од ,,Вера” како што се случуваше во минатото. Сепак, овие деца се во моите мисли секој миг, и среќен сум што како градоначалник ја имам можноста да направам нешта кои ќе го подобрат квалитетот на нивното живеење. Токму поради тоа се и сите залагања за Дневниот центар да стане место каде ќе ги имаат сите достоинствени услови и квалитетни услуги, приоритет ни е грижата за децата. Да се престане со предрасуди и дискриминација! –порача градоначалникот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости