Имаме повеќе доктори на науки отколку магариња

by fokus 09:00
09:00

Пишува: Д-р Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Веќе неколку години севезден ми татне крикот на младите. Најпрво на младите од Средношколскиот, па од Студентскиот пленум, а сега и од „шарените“. Татне од нежниот глас на буревесникот што ги најавува промените. Татне како некоја историска резонанца на ’68-та, по која ништо во Европа не остана исто како порано. Така ќе биде и кај нас – сега и овде.

- Advertisements -

Зашто како што тој глас од ден на ден станува сѐ постамен, цврст и продорен, толку повоочлив станува молкот на оние кои за денар-два му ја продале душата на Гробарот. Тука, пред сѐ, мислам на академиците на МАНУ, кои по редот на нештата би требало да ги сметаме за „најумните“ меѓу нас. Но, дали навистина е така!? Дали некој човек кој себеси се смета или, пак, другите го сметаат за умен, ќе си дозволи да молчи во време што не е за молчење.

Или, пак, стамено и силно ќе го дигне својот глас против закоравените криминалци, хохштаплери и лажни патриоти. Памети ли некој умен човек дека некогаш во историјата младите биле на погрешната страна. Не! Инстинктот за преживување, кој е внатрешно својство и градивен елемент на самата младост, не им го дозволува тоа.

А нашата политичка реалност е токму таква. На една страна се младите, луѓето што живеат од својот труд и ум, слободоумните и храбрите, а на другата закоравените криминалци од Фамилијата, евтино купените души на администрацијата и пензионерите, кои ќе нема кој да ги погреба. Црно-бело, без нијанси.

МАНУ – ЗАКОПАН ИЛИ СЛОБОДЕН УМ

Но, ете, кога најмалку се очекуваше од академиците, тие проговорија. Навистина со полуотворена уста, како призрак на зајдисонце, но, сепак, проговорија, А тоа, богами не е малку. И за што проговорија? За најспорадичното (иако многу важно прашање) со кое се соочува Република Македонија во овој момент. Не за криминалот, не за уривањето на правниот поредок, не за газењето на човековите права, не за демократијата, не за економијата!? Туку за отворањето нови универзитети!

Зар не им е јасно дека отворањето нови два универзитета во Република Македонија во овој момент воопшто не е важна работа. Како во морето од кал да сте додале уште една грутка. Ништо не менува. Само придонесува за уште поголемо загадување на веќе загаденото.

Уважените ни академици, ако сакаат барем малку да бидат уважени и сметани за умни, редно е да проговорат за квалитетот на образованието на веќе постојните универзитети. И тоа не само на студентите, туку, што е уште поважно – за квалитетот на професорите. Зашто во Република Македонија денес има повеќе доктори на науки отколку магариња. Така што, следствено на законот на понудата и побарувачката, магарињата имаат поголема пазарна вредност отколку докторите на науки.

А и да не зборуваме за тоа колку, толку големиот број на „учени“ луѓе придонесе за развојот на стопанството, економијата и на општеството. Обратнопропорционалноста е повеќе од очигледна. Колку што повеќе универзитети и доктори на науки има, толку повеќе економијата и општеството се урнисуваат. Причини има многу, но зар ние граѓаните не ги плаќаме токму нив, академиците, да дадат умен одговор на тие отворени и болни прашања.

Што се однесува до мене лично, јас сум за отворање барем уште еден нов универзитет: Универзитет за организиран криминал, корупција и лажирање избори. Причини има многу. Прво, стручни и искусни кадри што се искалени во Преродбата. А и ректор лесно ќе се најде. Еве го м-р НГ, докажан и меѓународно потврден експерт од предметната ни дејност, сосе дузина експерти и потврдени кадри од раководството на партијата, пратеници, министри, дополнителни министри, под и над заменици, градоначалници и селсконачалници. Што да се каже – кадри со лопати да ги ринеш!

А и не ќе мора многу да се мисли за името на тој Универзитет. Како што е ред и како што прилега, најдобро е да се именува според името на нивниот духовен Отец: Иван (Ванчо) Михајлов.

МПЦ-ОА и ИВЗ

Кога веќе се навраќаме кон нашите духовни отци, редно е да се присетиме на нашите верски поглавари, како од православна и католичка, така и од муслиманска вероисповед.

И ним треба сосема да им е јасно дека не е време за молчење!?

Ако навистина мислат и сакаат да бидат со „народот“, не можат да избегаат од својата одговорност да се определат дали се со своето пастирско стадо или, пак, со разбојничката дружина на НГ и АА.

Само нека пазат на изборот! Затоа што Десетте Божји заповеди јасно и гласно ги определуваат моралните аспекти на нашето овоземно живеење:

Не убивај.

Не врши прељуба.

Не кради.

Не сведочи лажно против својот ближен.

Не пожелувај ништо што е туѓо.

Може ли некој што докажано лаже, краде и убива да биде нивен штитеник? Самите ќе кажат: Секако не! Но, време е тоа сега и овде гласно да го кажат. Потоа ќе биде доцна.

И да не се извлекуваат со изговорите дека тие не се мешаат во дневна политика. Прво, затоа што не станува збор за дневна политика, туку за елементарно овоземно преживување на нивното пастирско стадо, а второ, ако се свртиме наназад, ќе се види дека многупати досега се мешале та премешале во дневна политика. Затоа, време е да проговорат. Што и како ќе кажат, нивно е.

ВРЕМЕ Е ДА СЕ ЗАЗЕМЕ СТРАНА

Помеѓу татнежот на гласот на младите и „обичните“ граѓани, срцепарателно звучи молкот на „бизнисмените“ и „тајкуните“, што и да се подразбира под овие зборови. Станува збор за луѓе кои на овој или на оној начин, во спрега или опструирани од оваа власт, со или без успех, сепак се опора на која се потпира економскиот живот на општеството и зависи материјалната егзистенција на голем број семејства.

Ним не им е сеедно во каков политички амбиент работат. Не им е сеедно дали некој секојдневно ги демне за да ги рекетира, краде и уценува. Не им е сеедно дали поради тоа што се со мафијата на власт ќе им се урнисаат бизнисите и богатствата ако дојде до промени, исто како што ќе им се урнисаат бизнисите и богатствата ако не дојде до промени. Во секој случај, не им е сеедно!

Затоа треба да проговорат. Да испуштат глас, макар и да мрморат. Но, најстрашно е да останат неми пред ова безумие и криминал. Ако треба и нека го фалат и слават криминалот. Само нека кажат на чија страна се. Место и простор за политички и морални хермафродити веќе нема. За жал, време е да се заземе страна. За да нема плачки.

БАЏАНАКОТ НА МИЈАЛКОВ

Не ме чуди што никој не проговорува од бројното ергеле на државната администрација. Ним по правило им е пресечен јазикот. Тие ќе проговорат тогаш, кога ќе заврши „војната“, а тие ќе станат „попаметни“ бидејќи ќе се туркаат кој прв да фати ред пред новите властодршци.

Ме изненади единствено што проговори „Баџанакот на Мијалков“. Кутриот си го избришал своето крстено име и презиме и едноставно постанал „Баџанакот на Мијалков“. Навистина фрустрирачки.

Но, да го запрашаме ние него, а и самиот тој, што направи самиот тој да биде и да се препознава како обвинителот Јован Илиевски, а не како „Баџанакот на Мијалков“.

Дали, за да не остане запаметен како „Баџанакот на Мијалков“, господинот јавен обвинител Јован Илиевски ќе требаше (а и уште има време и можност), согласно своите законски права и обврски да покрене истрага, обвинение или каква било активност против бројните и очигледни криминали против актуелната власт, чиј активен учесник и креатор беше и сè уште е токму неговиот баџанак. Ако барем со ишарет покажеше дека нешто искрено презема за гонење на организираниот криминал (за што впрочем е назначен и троши народни пари), сега немаше да биде третиран како „Баџанакот на Мијалков“, туку уважениот јавен обвинител Јован Илиевски.

Но, и сега не е доцна. До одењето во Стразбур му останува доволно време да покрене барем едно од илјадниците можни обвиненија против кој било од Фамилијата. Да го оставиме настрана Мијалков. Човечки е да го разбереме. Сепак, баџанак му е. Но има уште стотина други за кои можат со чиста совест да се покренат сериозни и издржани обвиненија.

Ако не знае, еве јас ќе му понудам докази и тоа не за кој било, туку за „уважени“ судии и негови колеги. Важно е само тој да сака, а сè друго е „техничко прашање“. Но, очигледно е дека најдискутабилно и најспорно е токму тоа – сакањето. Затоа и до крајот на својот живот ќе си ја носи титулата „Баџанакот на Мијалков“. Со сето наше човечко сожалување и солидарност.

ЧОВЕК ИЛИ ЃАВОЛ

Знам дека многумина, за да се оправдаат пред другите, а уште повеќе пред себеси, ќе бараат и изнаоѓаат дузина причини за оправдување на својот молк. И јас ги разбирам. Но, ако тие вистински се сакаат себеси, своето семејство и своето потомство и ако имаат барем малку чувство и свест за моментот и состојбите во кои живеат, ќе ги отфрлат стотината причини за молк, а ќе ја зграпчат едната и единствена причина да пуштат глас од себе, стамен крик или татнеж, сеедно! Секој според можностите и способностите.

Да жртвуваат многу малку од својот сегашен комодитет инвестирајќи во сопствената и заедничката иднина. Како онаа мравка што носела капка вода, заедно со другите животни кои го гаснеле шумскиот пожар. Не дека со една капка вода се гасне пожар, но важно е дека и таа чувствува одговорност и дава свој личен придонес во одбраната и создавањето на заедничкиот живот и иднина.

А без тоа чувство на лична одговорност и ангажираност во создавањето и градењето на заедничкиот живот и иднина, секогаш одново и одново ќе се поставува прашањето: дали секој од нас навистина е човек или, пак, само ѓавол со човечки лик!?

Молчењето во Македонија денес е злочин на единката против сопствената совест. Затоа крикнете – дајте знак дека сте живи, дека има душа во Вас. Покажете дека сте дел од победничката коалиција на граѓаните и… животот! Имајте свест дека и ова наше тегобно денес, утре ќе биде славна историја. Не пропуштајте шанса да бидете горд на себе. Станете дел од историјата. Викнете на сиот глас: криминалци „NO PASARAN“!

Поврзани новости