Има уште околу 250 слободни кревети во ковид центрите

by Fokus

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во земјава е 1537 и има околу 250 празни болнички кревети во ковид центрите, информира Министерство за здравство, додавајќи дека во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Само во ковид центрите во Скопје во изминатите 24 часа се хоспитализирани 70 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, со што на инфективните оддели во главниот град вкупно се лекуваат 621 лице сомнително и потврдено за КОВИД-19.

Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 35 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 9 примени пациенти и 20 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени 4 нови болни и двајца пациенти биле примени на Клиниката да Детска хирургија.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 46 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 298 пациенти.

Во ГОБ 8 Септември има вкупно 118 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 137 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 39 пациенти. На Клиниката за детски болести има 8 деца позитивни на ковид 19 вирусот, а на ГАК има 12 позитивни пациентки.

Вкупно 621 пациент потврден и сомнителен за КОВИД- 19 се лекува на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 60 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места.

Во ковид центрите во болниците низ земјава надвор од Скопје во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 916 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 80 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 96 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 40 пациенти, во Велес се лекуваат 68 болни, а во Куманово 137 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19.

Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 95 пациенти, во Прилеп 119, во ковид центарот во Гостивар 43, а во Струга 14 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 65 пациенти, во Кочани 28 во Кичево 28, Кавадарци 78, а во Гевгелија 25 лица, позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Поврзани новости