Илјадници верници на погребот на српскиот патријарх Иринеј

by fokus

Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Иринеј, ќе биде погребан денес во криптата во Храмот Свети Сава во Белград, каде во девет часот започна литургијата предводена од митрополитот Дабробосански, Хризостом.

На поворката во најголемата црква на Српската православна црква присуствуваат државниот врв на Србија, лидерите на Република Српска, претставници на верски заедници и деноминации, а пред црквата се собраа многу верници.

По опелото што започнува во 11 часот и говорот на епископот Бачки, Иринеј, е објавено дека претседателот на Србија Александар Вучиќ и членот на Претседателството на БиХ Милорад Додик ќе се збогуваат со патријархот.

Српскиот патријарх Иринеј, 45-от поглавар на Српската православна црква, почина како резултат на инфекција со коронавирус во петокот наутро во Воено-медицинскиот центар во Белград.

На 1 ноември, патријархот Иринеј ја водеше литургијата со епископите на Српската православна црква во Подгорица на погребот на митрополитот на Црна Гора Амфилохије, кој почина од ковид-19, а четири дена подоцна беше примен на лекување од инфекција со коронавирус.

Српската влада прогласи тридневна жалост во петокот, а верниците му оддадоа почит на поглаварот на српската црква во процесија вчера и во текот на ноќта.

Светиот архиерејски синод ги повика свештенството и верниците да се придржуваат кон мерките пропишани од државните органи заради тешката епидемиолошка состојба за време на молитвеното збогување со патријархот Иринеј.

Поврзани новости