Илјадници Македонци ,,наседнаа” на лажна наградна игра: Учествувам и го обожувам персоналот на КАМ!

by Fokus
Илјадници Македонци повторно ,,наседнаа” на лажна наградна игра и во тек на вчерашниот ден го преплавија интернетот со споделување на лажната објава од измамници кои се претставиле како официјални претставници на КАМ маркетите, отворајќи страница на Фејсбук, и од нив барале да напишат –Учествувам, и да го споделат линкот од наводната наградна игра.
Со цел да добијат ваучер во вредност од околу 5.000 денари, илјадници љубители на производите на популарниот ланец на маркети КАМ, покрај задолжителното ,,Учествувам”, вчера објавуваа и комплименти за производите на маркетот, го фалеа персоналот и го споделуваа линкот од лажната страница.
И покрај тоа што на официјалната страница на КАМ маркетите веднаш се објави информацијата дека тие не организираат никаква наградна игра, и се апелираше случајот да пријави во Секторот за компјутерски криминал, доколку некој во име на маркетите побара лични податоци или податоци за платежна картичка, добар дел од јавноста го игнорираше соопштението.
Истото беше споделено неколку пати на лажната страница на КАМ, на која во меѓувреме се одвиваше и наградната игра, но едноставно беше игнорирано, па продолжија објавите од типот – Учествувам, многу го сакам КАМ, го обожувам персоналот, имајте највкусни производи…
Иако страницата на која беше објавена лажната наградна игра беше непрофесионално изработена и креирана само неколку дена пред објавата за играта, за само еден ден повеќе од 7.000 лица започнале да ја следат и зеле учество во лажната игра. Ова не е прв пат на социјалните мрежи да се објавуваат лажни наградни игри. И во минатото се случувало во име на поголеми компании да се објавуваат неточни информации, а учеството во лажните наградни игри носи ризик од злоупотреба на личните податоци на учесниците.
В.К.

 

Поврзани новости