Илјадници луѓе на комеморацијата за Флојд во Минеаполис, Бар обвини за надворешно мешање во протестите

by Fokus

Илјадници луѓе се собраа синоќа во Минеаполис на комеморативниот собир за Џорџ Флојд, афроамерикенц чијашто смрт при апсење предизвика бран протести кои ги тресат САД среде епидемијата на коронавирусот и претседателската кампања.

Свештеникот Ал Шарптон, телевизиски коментатор и активист за граѓански права кој  ја предводи молитвата, го пофали единството на демонстрантите против полициската бруталност.

-Видов Американци од различни раси и возрасти, едни крај други како заедно маршираат и го креваат гласот. Се наоѓаме на пресвртницата, изјави Шарптон пред собирот кој започна во 20 часот по македонско време.

И покрај полицискиот час, луѓето ги преплавија улиците на поголемите градови во САД деветта ноќ со ред. Протестите, во кои досега животот го загубија 11 лица прераснаа во насилства, подметнувања пожари и масовни пљачкосуваа кои не запираат и по сите апели, што го натераа претседателот Доналд Трамп да се закани со испраќање војска на улиците.

Американскиот државен обвинител, кој воедно е и министер за правда, Вилијам Бар ги повтори поранешните констатации дека со насилните протести управуваат надворешни фактори и екстремистички агитатори.

-Видовме докази дека Антифа и другите екстремистички групации, како и протагонистите на различните политички уверувања, се вмешани во поттикнување и учество во насилните активности. Видовме и дека странски фактори манипулираат со сите страни, рече Бар на прес-конференција.

Антифа се претставува како движење на автономни ултралевичарски групи, коишто честопати се обвинети за напади врз полицијата, оштетувања на јавен и приватен имот и предизвикување безредија со вандализам.

 

Поврзани новости