Илјадници евра ќе бидат фрлени за референдуми против измислената закана од населување мигранти

by fokus

Илјадници евра ќе чинат референдумите кои ќе се спроведат во повеќе општини низ Македонија, против измислената закана од населување на мигранти. Дека државата нема да гради посебни станови за вдомување на бегалци, неколку пати јасно и недвосмислено укажаа од министерството на Мила Царовска, но општинските совети и понатаму, еден по еден, гласаат за одржување на референдум на кој би се изјасниле граѓаните.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои ги изгласаа овие иницијативи, одлучија референдумот да се спроведува во исто време со локалните избори, со цел, како што велат, да се заштедат средства.

Како организирањето на локални избори, така и одржувањето на референдуми се финансира од буџетот на самата Општина. Но референдумот го организира еден избирачки одбор, а друг гласањето за градоначалник и советници, велат од Државната изборна комисија. Посебни избирачки одбори ќе треба да се формираат во сите избирачки места на секоја општина која ќе спроведува референдум, а во нив членуваат по шест лица.

Во тој случај, секоја Општина каде ќе се одржува референдум ќе треба да издвои средства за надомест на избирачките одбори. Освен тоа дополнителни трошоци ќе има и за печатење на гласачките ливчиња кои ќе бидат различни од оние за градоначалник и советници.

До сега одржување на референдум изгласаа општините: Гевгелија, Битола, Валандово, Карпош, Штип, Гази Баба, Прилеп. За споредба еден општински референдум чини до 50.000 евра, па трошоците за нивно организирање ќе изнесуваат стотици илјади евра и покрај тоа што министерката, Царовска, јасно порача дека во ниту една општина нема да се градат станови за бегалците.

„Ниту ќе се градат станови за бегалци и мигранти, ниту има предвидено буџет за тоа. Македонија не е атрактивна земја за бегалците. Опозицијата само шири страв кај граѓаните“, изјави Царовска во неколку наврати.

Стравот од населување на мигранти со што и Македонија би била преплавена од бранот кој ја зафати Европа, според политиколозите, е дел од изборната пропаганда за придобивање на гласачкото тело.

М.В.

Поврзани новости