Или ќе успее СЈО или ќе биде „о бо бо“!

by fokus 13:25
13:25

Или ќе биде СЈО или ќе биде „о бо бо“. Овој извик на македонски јазик не значи ништо, но ставен е во текстот по цена да се смета и како чин на промовирање на двојазичност зашто не најдов никаков друг извик кој толку изразува чудење од активна врева и нарушување како ова „о бо бо“ во албанскиот јазик.

Пишува: Рамадан РАМАДАНИ

Земјава доживеа една значајна годишнина, која е повод пак да се напише околу единствената институција во Македонија што има апсолутно консензуална поддршка меѓу граѓаните: Специјалното јавно обвинителство. Годишнината се одбележа на најдобар начин преку подготовка на двете први обвиненија. Симболичното во ова е што СЈО се обрати од сега новото „нивно“ седиште, а изненадувањето е од фактот дека во јавноста се очекуваше СЈО да даде само извештај за сработеното.

Двете обвиненија според објавеното изгледаат мали, но личат на готови. Скратената постапка и небарањето мерка притвор оддаваат јасна намера на СЈО да добие на брзина и на време, кое не е поврзано со изборите, туку со роковите предвидени во законот со кој е формирано СЈО. Парадоксално, но поврзувањето со избори и политизацијата на овие и следните обвиненија на СЈО настана само како последица на политичките напади кои кон оваа институција ги упатува владејачката партија во Мaкедонија.

Сепак, да не заборавиме дека сето настранување на односот кон СЈО почна со нападите кога неспретно им се испушти на некои, сега веќе обвинети политичари, за „катици и ванхојтовци“. Поврзувањето со времето на изборите се случи токму по вина на владејачките партии. Ете, да ги исполнуваа другите услови и да не закажуваа датуми, ќе имавме избори во април или во јуни, без овие и следните обвиненија од страна на СЈО.

ИСКРА НАДЕЖ ЗА СЛОБОДА И ПРАВДА

СЈО, сепак, останува единствената државна институција, која настана како плод на долгогодишниот напор на граѓаните за враќање на државата во нивни раце, изградба на правна држава и враќање на јавните добра, за кој има реални сомневања и показатели дека во голема мера завршил во приватни џебови и во странски земји.

Дека СЈО е таа искра на надеж за слободата и правдата во Македонија е интервјуто на специјалната обвинителка Јанева во МРТВ. Имено, само по овој настан, МРТВ почна да се смета како ослободена, а не и при претходното назначување уредник таму, или со настапи на политичари од опозицијата или на независни аналитичари.

Поради сево ова, заканата што виси за суспендирање или укинување на СЈО од страна на Уставниот суд, и тоа токму по распуштањето на Собранието не се чини реална. И тоа поради две работи. Првата е дека со тој чин веќе би настанал голем моментум, кој ќе им покаже на дело на граѓаните дека на закажаните избори ослободувањето веќе не е можно. Со тоа целиот Пржински компромис изграден околу ослободување на земјата и со окупаторската согласност би се урнал.

А тоа е голем моментум, кој не верувам дека веќе можат да го издржат и преживеат владејачките партиите како целина. Секако, личниот спас на некои уште ќе им изгледа како возможен во Белизе и на други дестинации, но колективната можност за спас со тоа завршува и со тој акт ризикуваат кога-тогаш и колективно да им се суди. И втората работа е дека ни Уставен суд веќе, и ваков каков е со мнозинство контролирано од владејачките партии, не е сигурен дека самиот нема да се укине пред да го укине СЈО!

ЌЕ НИ СЕ ВРАТАТ И ДРЖАВАТА И ПАРИТЕ

Така што СЈО е направено да ни ја врати државата и парите и секое поимање поинаку само им шкоди на тие што го поимаат поинаку, а никако не на СЈО или на граѓаните. Време уште има и ние навикнатите на чекање на долги процеси како решението за меѓународното име на државата, транзицијата и евроинтеграцијата, сигурно дека ќе почекаме уште некој месец да се обистини вистината и да донесе правда во врска со многу чудните работи што се случија во изминативе години.

Можеби на граѓаните ќе продолжат да им се натураат мистериозни муабети околу сината „астра“, која киднапира деца, но сигурно веќе ќе дознаат сѐ околу црниот „мерцедес“ со монитори позади кој им ја киднапира државата!

Така што, или ќе биде СЈО или ќе биде „о бо бо“. Овој извик на македонски јазик не значи ништо, но ставен е и во писанието и во текстот по цена да се смета и како чин на промовирање на двојазичност зашто не најдов никаков друг извик кој толку изразува чудење од активна врева и нарушување како ова „о бо бо“ во албанскиот јазик.

Поврзани новости