Игор Узунов: Само кај нас без бубрег и со преживеан рак не си инвалид!

by Fokus

Поп пејачот Игор Узунов реагира на однесувањето на вработените во комисијата за оценување на работоспособност. Тој вели дека освен ароганција, непочит и надменост, се соочил и со нивниот суд, за кој тврди дека е страшен, поради тоа што со сите дијагнози на неговата мајка, и било кажано дека е работоспособна.

Тој апелира до министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, да преземе нешто, потенцирајќи дека со однесувањето на вработените со векови сме назад од европските морални вредности.

,,Мајка ми има 67 години. Како болна од рак, не и следуваше ништо, додека нејзини пријателки со иста дијагноза добиле нега. Затоа, по препорака на лекар се испрати барање за утврдување на инвалидитет, да и се додаде тоа нешто што и недостасува во пензијата. Но, однесувањето на комисијата беше под секое ниво. Значи, на мајка ми уште во 1977 година и е изваден десниот бубрег поради болест. Тогашната комисија одредува способност за половина работно време, но наместо тоа, распоредена е на полесна работа со намалена бодовна вредност за плата. Најверојатно, нештата биле такви некогаш, како и сега… Во 1992 година се затвори Ел Керамика Ниш со подружница во Гевгелија, и таа остана стечаен работник, а подоцна и социјален случај. Во 2011 година и беше дијагностициран рак на лимфни јазли и града. Беше оперирана два пати во еден месец и одеше на зрачење. Во тоа време, во 2011 година отиде пред комисија да добие инвалидска пензија – ја одбија! Лудост!’’ – раскажува Узунов, кој и самиот се избори со тешката болест – леукемија пред неколку години.

Тој вели дека неговата мајка повторно по две години, во 2013 година, побарала инвалидска пензија, но била одбиена.

,,Мајка ми конечно доби старосна пензија, но сепак како граѓанин на оваа земја и следуваа тие финансии. Најстрашниот момент што ме заболе е тоа што, затоа што болеста ја затекнала кога била социјален случај, а не вработена, и затоа не и следувало ништо. Значи – социјалните случаи нека умираат! Ова нека биде мој апел да се превземе нешто за таа категорија на луѓе! Грев е. Ако не се вработени, треба ли да умираат?’’ – прашува Узунов.

Вики Клинчарова

Поврзани новости