Игор Узунов и се врати на музиката: Се изборив со тешка болест, ќе се изборам и за промени

by fokus 12:28
12:28

Поп пејачот Игор Узунов, годинава што изминува ќе ја памети како пресвртница, во која што повторно полн со елан и се вратил на музиката, по долгата пауза. Вели дека долг период бил на ,,мртва точка’’ најмногу поради случувањата во општеството и политиката, но исполнет е со верба дека во годината која што следи, сите ќе можат да тргнат напред ослободени од прангите.

,, Очигледно годинава некако „созреав“ и, свесен дека и покрај одредени опструкции кои ги имав, па и уште ги имам, сепак решив поактивно да се ангажирам околу продолжувањето на мојата кариера, создавање нова музика. Активно, цела година заедно со мојот најдобар пријател и сега соработник на новите проекти Dj Todoroff работевме и создадовме дела, некои веќе чуени и промовирани кај нас и на странските пазари, некои допрва ќе го најдат патот до секој слушател. Со Бертан продолжуваме кај што застанавме и севкупно годинава сум среќен и исполнет на професионален план“, вели Узунов.

- Advertisements -

15320506_10211099746353278_1026698900_n

Мрднав, како што вели, од мртва точка и апатијата во која бев западнал поради одредените општествени и политички случувања.

„И да, ко за беља кога треба да промовираме нова, квалитетна и модерна музика кај нас се соочивме со забрана на истата :))))  Тоа е, државата сакале или не, да признаеме во хаос е!’’, раскажува гевгеличанецот.

Тој и стана познат на јавноста во 2002 година, како учесник во првото издание на музичкото шоу ,,М2 потрага по ѕвезди’’ и набргу ја освои тинејџерската публика со песната ,,Ми требаш како молитва’’. Потоа, пред десеттина години, тој успешно се избори со тешката дијагноза – леукемија на клиника во Германија, а болеста му се случи токму во времето кога се чинеше дека неговата кариера која одеше по угорна линија, никој и ништо нема да ја попречи.

15310351_10211099746993294_1557091088_n

,,В година немам намера да застанам, ниту да подлегнам на одредени притисоци, омаловажувања од одредени, немам намера да отстапам од она што сум си го зацртал и ветил сам на себе. Се молам здравјето да ме служи баш онака како што сум сега и цврсто да газам на земја. Ќе продолжам да стојам до слободомислечкиот свет рамо до рамо да се борам за еднаквост меѓу сите на начин како што знам и умеам. Од минатото имам добра подлога дека не е добро да се потпирам на одредени ликови затоа што тие сепак се „зафатени“ околу начинот како да се дограбат до фотелја а, потем дури и не те познаваат. Смешно, истите бараат поддршка!’’, вели Узунов, кој поради своите лични искуства во нашето здравство, секогаш јавно потенцира дека се потребни големи промени во здравствениот систем, и посебно во Фондот за здравство, кој буквално одлучува кому треба да му се даде шанса за живот.

Додава дека во годината која што доаѓа решил да се бори на свој начин, со музика, и се надева дека промените бргу ќе дојдат.

,, Ќе се борам за солидарност, а ќе пробам својот авторитет да го наметнам овој пат преку музиката како универзално средство за позитивно комуницирање. Не ни се потребни делби помеѓу нас. Потребно ни е да сме сплотени во барањето на правдата која одамна е скриена некаде во некој ќош и се плаши да излезе на виделина. А, има „тешка“ рака и шамари за многумина од политичкиот, па и од обичниот свет кој наместо да се бори за живот кај нас се оптеретува со политика и го гуши нормалниот тек на живеење. Сакам промени! Можеби не би биле идеалните, можеби Македонија би била подобро место за живеење, можеби… но сепак, потребни ни се промени“, изјави Узунов.

Најпрво, како што вели,посакувам нови политичари, нови имиња, нови луѓе кои би знаеле како да не изведат на прав пат кон нормален живот. Овие што се вртат по Тв се веќе сите „прочитани“ и со малку доблест би се тргнале и би оставиле простор на некои нови. И тогаш можеби, сите автори, музичари, колеги би биле сплотени и би работеле со мерак, со елан и желба, можеби тогаш секој труд би бил вреден… Како и да е, она што го знам е дека после изборите веќе ништо нема повеќе да биде исто. А, се надевам и ние ќе бидеме ослободени од прангите на истите! Нека биде слобода, конечно!’’, изјави за ,,Фокус’’ Узунов.


Вики Клинчарова

Поврзани новости