Игор Дурловски не се сели во Германија: Фалат убавите зборови што некогаш се пишуваа за мене!

by fokus

Откако денес оперскиот пејач Игор Дурловски изјави дека си поднел оставка на местото директор на МОБ и професор на Факултетот за музичка уметност, не требаше долго, а да се прошират гласините дека најверојатно повторно ќе замине во Германија, каде што живееше до пред две години со семејството.

Овие претпоставки ги подгреа и неговата проштална песна, која што ја постираше на својот Фејсбук профил заедно со информацијата за оставката, ,,The end” (,,Крајот”) од легендарниот рок бенд ,,The Doors”. Во неа, покрај останатото се спомнува – Западот е најдобар, дојди овде и ќе го направиме најдоброто, синиот автобус не повикува…

Сепак, во разговор за ,,Фокус” Дурловски открива дека нема да оди никаде и останува во Македонија, односно не го чека ниту син автобус, авион или било каква преселба.

,,Останувам во Македонија и ќе продолжам да делувам на уметнички план. Околу причините за оставката, протестите се само еден дел од мозаикот наречан оставка. Кога се работи за стиховите на песната, јас лично го искористив само насловот, ,,Крајот”, симболично” – вели тој.

На прашањето како реагира неговата сопруга, оперската певица и национален уметник,  Ана, на сите случувања околу протестите, но и на оставката, и дали ја има нејзината поддршка, вели дека секогаш се трудел приватните случувања да си ги зачува за себе.

Како мало потсетување, кога пред две години оперско брачната двојка Дурловски се врати по петнаесет години минати во Германија, често даваа интревјуа во кои што зборуваа за својата приватност, за нивната љубов, за трите деца, па дури и за градината со домати…

Но на ова потсетување, Дурловски е категоричен – Точно, но на времето се пишуваа убави зборови за мене, а сега фалат. Некои работи се менуваат кај мене, но и кај другите – вели тој.

Тоа што дел од јавноста е изненаден, како може еден уметник од неговиот калибар да биде на исто ниво, односно рамо до рамо со Богдан Илиевски Бетмен, со кого што заедно беа дел од главните организатори на протестите ,,За заедничка Македонија” и воедно дел од толпата која влезе во Собранието за време на насилството, вели дека нема никакви комплекси по тоа прашање.

,,Никогаш не сум пател од тоа до или со кого седам! Јас имам сопствени ставови и одлуки за истите. Кога ќе почнеме да си ги почитуваме, тогаш ќе не биде!” – раскажа Дурловски.

Негов последен ден на работа во МОБ ќе му биде 25 мај, а на позиција професор во ФМУ ќе останел до крајот на јунската испитна сесија.

Вики Клинчарова

Поврзани новости