Игор Џамбазов: Имаме водачи кои самите си ги заслуживме, а после онадење нема каење!

by Fokus

Корона вирусот полека почнува да ја губи силата и сите се надеваат на враќање на животот во нормала.

Дел од луѓето имаат проблеми со тоа „што да прават во слободно време“ во оваа криза, а секогаш е интересен и животот на познатите македонски јавни личности во вакви ситуации.

Шоуменот, актер и музичар, Игор Џамбазов во интервју за „Фокус“ ни раскажа како тој се справува со ваквата ситуација и што прави во слободното време.

Оваа наметната самоизолација која за некои луѓе претставува огромен проблем, за мене е како цртан филм. На шега им велам на моите најблиски: „Па јас сум во самоизолација повеќе од 15 години“. Човек што не може да се издржи самиот себе си, не може да издржи никого. Кога ќе заврши сево ова, се затворам во соба и не излегувам никаде, да одморам малку од ова коронава“, вели Џамбазов.

После Слепче, тој си најде ново прибежиште – селото Сретеново кај Дојран и таму живее речиси две години, а доаѓа во Скопје поради работни обврски.

За почеток изнајмив куќа на неверојатна локација, со прекрасен пејзаж од утро до мрак. Тука ќе седам една година и за тоа време ќе се обидам да дојдам до земјиште на кое ќе си изградам една мала куќичка. Зошто Сретеново? Затоа што победи на тендерот кој си го објавив во сопствената глава, со наслов „Каде да се живее во Македонија, а тоа да не биде Скопје?“. Сретеново е на самата граница со државата на која ни името не сакам да и го спомнам, со медитеранска клима и воедно го носи приматот за населено место кое е најблиску до морето, околу 60 километри“, додава тој.

Денот на Џамбазов е целосно исполнет – од физички активности, па се до дружби со неговите сретеновски домаќини.

Станувам помеѓу 4 и 5 наутро. Чекам да помине полицискиот час и веднаш се упатувам кон границата. До таму и назад, дали пешки, дали со велосипед, се прави едно освежувачко „кардио“ од 30 минути ако сум пешки, или 15 со велосипедот. Потоа традиционалното утринско кафе со семејството Чукови, моите сретеновски домаќини, Имаме прекрасни тераси тука, така што буквално цел ден сме на чист, најчист воздух, езеро кое го одзема здивот и огромната Беласица на која до пред некој ден имаше снег. Ручек, па повторно прошетка се до полицискиот час, па вечера, малку Нетфликс и…Нокаут“, раскажува нашиот шоумен.

Освен тоа, актерот пишува две книги, работи на текстови за албумите на Тамара Тодевска, Нокаут, една авторска песна на Роберт Билбилов и соработува со уште многу други пејачи.

Креативна беше коронава, морам да признаам“, низ смеа раскажува тој.

Игор Џамбазов долги години живееше и твореше во демирхисарското село Слепче. Со многу емоции раскажува за ова место.

Приказната за Слепче заврши одамна. Тажна приказна. Мене тоа место се уште ми е во срцето, комуницирам секојдневно со многу од моите слепчани, се уште е таму гробот на Бошко мој, а и моето сепаре во легендарната „Горна куќа“ каде што на ѕидот пишува: „Ова е местото на Игор. Ако Игор не е тука – седни си. Ако е тука – пак седни си“. Не сум бил таму 5 години. Тоа ти е како после раскинување со женска што многу си ја сакал. Некако ги избегнуваш средбите со неа, а толку многу сакаш да ја сретнеш“, вели Џамбазов.

Нашиот актер пред извесно време ја доби наградата за животно дело, насловена по неговата покојна мајка „Анче Џамбазова“. Тој вели дека неговиот татко Александар бил многу емотивно погоден од ваквиот момент.

Беше пресреќен за мојата награда, но многу потажен што уште еднаш, со многу тага и трепет во душата раскажуваше за неа и за нивната вечна љубов. Дури не се ни појави на премиерата. „Не можам синко, тоа ти е…не можам…“ Сепак пред некое време го изгледа филмот, и не кажа ништо“, раскажува актерот.

Тој има посебен однос со неговиот татко, а очигледно е дека нивните средби се секогаш интересни.

Во нашето семејство татко ми е Министер за набавка. Нашите средби, еднаш или два пати неделно се обично кај мене дома. Ќе ми донесе половина супермаркет во десетина кеси и почнува да раскажува. Од војната па наваму…(на втората светска војна мислам)…доаѓа на сите мои премиери, на важните концерти, промоции…се држи одлично иако веќе наполни 84“, вели Џамбазов.

Повеќе од една година се снима документарниот филм за Игор Џамбазов. Тој, заедно со режисерот Гоце Трајковски – Тарантино сериозно работат на овој проект, но без форсирање за неговата реализација.

Се уште снимаме. Не брзаме никаде. На почетокот му кажав на Тарантино: „Уште ако ти умрам за време на снимањето, оскар ќе добиеш“. Најоптимистичката прогноза за датум за премиера е крајот на 2021…едвај чекам“, додава Џамбазов.

Голем дел од Македонците преку летото одат на одмор во Грција, на убавите песочни плажи. Корона кризата сигурно ќе ги помести летните одмори, а нашиот соговорник не е баш мераклија на јужниот сосед.

Не сакам воопшто да комуницирам со луѓе кои не признаваат ни дека постојам, а уште помалку да одам таму, да им оставам пари, притоа доживувајќи секакви можни лоши филмови, понижувања и провокации. Не се плашам јас од јужниот сосед. Се плашам од себе си во јужниот сосед“, раскажува тој.

Најпознат уште од детските години по серијата Волшебното самарче“, Џамбазов уште пред 45 години се сеќава кога освоил прво место со песна за некогашниот лидер на поранешна Југославија, Јосип Броз Тито.

Тоа е сигурно едно патување што ми се случи во 1975 година, веднаш по завршувањето на снимањето на легендарното „Волшебното самарче“, кога бев единствениот претставник на Македонија, кој беше испратен во Русија, на полуостровот Крим, во местото Артек каде што се одвиваше интернационален камп на млади уметници од целиот свет. Повеќе од 500 тинејџери од преку 50 земји се натпреваруваа во неколку категории. Јас настапував со гитарата во категоријата „вокални инструменталисти“ со песната „Друже Тито љубичице бела, тебе воли омладина цела“ и го освоив првото место. Снимка од мојата изведба се пушташе наутро додека се креваше камперското знаме на јарболот. Тоа е дефинитивно мојот прв и последен меѓународен успех“, посочува нашиот соговорник.

Освен својот талент за музика, театар, Џамбазов ни откри уште еден интересен момент од неговиот живот.

Од сите таленти што ги поседувам во животот, најголем проблем имав со „талентот за живот“, работев на него со години и години и конечно почнав да функционирам. Малкумина знаат дека повеќе од солидно играм пинг-понг. Кој сака да се увери нека дојде во Сретеново, на плажата „Фук-так“ имаме професионална маса. Како осмоодделенец бев член на репрезентацијата на моето основно училиште „Владо Тасевски““, раскажува Џамбазов.

Тој низ својот живот помина низ многу среќни, но и мрачни сценарија. Сепак, раскажува Џамбазов, тоа е период кога зајакнуваш.

Тоа беа неколку такви ситуации, токму такви кои прво те уништуваат, па те челичат. Смртта на дедо ми, па мајка ми, лекувањето од алкохолизам, операциите кај Жан Митрев, исчезнувањето од јавноста, разочарувањата во луѓе на кои се ќе им дадеш, а на крајот те озборуваат, сопките од душманите и хејтерите, трипати ме прогласија за мртов. Сето тоа треба да се издржи“, истакна нашиот актер.

И покрај се, Џамбазов направи големи успеси во животот и за тоа говорат фактите. Пофалбите и убавите зборови се секогаш добредојдени.

Комплиментите се навистина убава работа, ама кога се искрени. Во повеќето случаи не се. Комплиментите никогаш не те водат напред. Напротив, тие може да се многу опасни. Јас повеќе ги љубам добронамерните забелешки и критики кои се искрени. Е, тоа е тоа што те придвижува нанапред. И самокритичноста, секако“, изјави Џамбазов.

По добиените многубројни битки, сепак, тој е ранлив на една работа која секојдневно им се случува на сите луѓе низ светот.

Неправдата ме прави ранлив. Особено кон невините, чистите, анонимните. Со неправдите кон мене сум научил да се справувам, но кога ќе помислам што се мене ми правеле во животот, страв ми е и да помислам какви се неправди им се случуваат на многу талентирани луѓе кои само што влегуваат низ малата врата на уметноста“, раскажува актерот.

Корона кризата го сведе ноќниот живот на минимум во Скопје, но и во целата наша држава. Голем дел од луѓето со душа чекаат да се отворат повторно кафулињата и ноќните клубови за да се вратат на стариот ритам.

Ноќен живот? Скопје? Нема такво нешто. Односно има, ама изгледа како мали Ѓокица да го замислува тоа. Ние како млади излегувавме да се дружиме и љубиме. Младиве денес излегуваат за да се ѕверат во своите мобилни телефони, а во меѓувреме малку пијат и се дрогираат. Чест на исклучоците, но ова мене ми личи на една загубена генерација. Полуписмена и медиокритетска“, потенцира Џамбазов.

Тој во Слепче не успеа да ја пронајде неговата животна сопатничка, но дали во Сретеново нешто се променило?

Одамна не ги „стартувам“ жените. Ги оставам тие да го направат тоа. Ако го направат, а ретко го прават. Не ловам повеќе. Немам адекватни мамци на јадицата. Посесивни се, љубоморни, егоистични, полни со недоверба и подготвени на се во случај на непредвиден крај. Немам веќе време за такво нешто. Повеќе љубов ми пружа Дојранското море, отколку која било жена“, додава тој.

И театарската уметност не го издржа налетот на политиката, која комотно седна на столчињата пред штиците што живот значат. Џамбазов вели, дека не е тој за таа работа.

Целата приказна е во тоа дали се чувствуваш како „зон политикон“ или не. Јас не сум од тие. Политиката е сепак од женски род, а веќе констатиравме дека од жени ми е преку глава. Не се дружам јас со политичари. Ама тие многу сакаат да се дружат со мене. И да се фотографираат. Ретки се тие со кои навистина нормално комуницираме. Добрите и чесните луѓе кои заглавуваат во политиката, порано или подоцна ја препознаваат измамата, па си заминуваат од каде што дошле. Некои, за жал, никогаш не го осознаваат тоа и лека – полека се претопуваат во масите кои всушност работат за потребите на еден или повеќе личности кои во политиката влегле само за да станат богати. Ако полната сметка во банката значи дека си богат“, вели Џамбазов.

И покрај тоа што се почесто гледаме филмски проекти, според Џамбазов не може од тоа да се живее во државава.

Актерскиот живот во Македонија е еквивалент за борба. Прво сам со себе, а потоа и со ветерниците кои ги има во огромен број. Преспав е исклучок. Тоа е убедливо најпрофесионалната екипа со која сум работел. Ништо не е оставено на случајности и импровизации. И затоа е добро“, раскажува актерот.

Покрај театарот, тој одлично се снаоѓа и во музичките води и постојано е ангажиран за некакви забавни манифестации.

Во музиката сум онолку колку што ми одговара. Никогаш не ни помислував дека ќе заработувам од неа, а излезе сосем спротивното. Во еден дел од животот заработував само и само од музика. И ден-денес се случува тоа. Имам многу настапи со мојот бенд, направив незаборавен јубилеен концерт во „Борис Трајковски“ 2013 година. Дојдоа 10.000 луѓе да ја слушаат мојата музика. Тоа ми е повеќе од доволно“, вели Џамбазов.

Познатите писатели и уметници своите најдобри дела ги твореле кога биле под дејство на недозволени супстанци, па така е во случајот и кај нашиот шоумен.

Забранети супстанци и алкохол има во многу од моите песни. Но, знаеш во што е проблемот? Кога ќе излезе Горан Бреговиќ и раскажува за количините на дроги кои членовите на „Бјело Дугме“ ги консумирале, тогаш реакцијата на нашиот читател е: „Душички, колку се мачеле, колку им било тешко, ама морале да го прават тоа, оти притисокот што го имале во главите бил огромен“. А кога јас сето тоа ќе го напишам во моите книги, тогаш душманите велат: „Еве, говедо наркоманско, пијандура“’’, порача тој.

Голем љубител и познавач на македонскиот јазик и Северна Македонија е Игор Џамбазов. Тој пред некое време беше актуелен со серијалот „Вдахновениот“, рецитирајќи ги песните од нашите најголеми поети. Порака е да се цени македонскиот јазик.

Фуснота без повод – Гане Тодоровски 1964 година…

Втората камера од сетот на #Вдахновениот Igor Dzambazov во Маврово

Publiée par MAJKA TI I TATKO TI sur Vendredi 3 août 2018

Со „Вдахновениот“ сакав да го направам токму тоа. Не само да ги запознаам со, за нив, потполно непознатата македонска поезија и нејзините ведети: Конески, Петре Андреевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Рацин, Миладиновци…туку и да им покажам како јас мислам дека таа поезија треба да се декламира…и мислам дека токму тоа беше клучот на успехот. На народот му се допадна тоа. „Вдахновениот“ и македонската поезија ја гледале повеќе од милион луѓе“, истакна Џамбазов.

На социјалната мрежа Инстаграм тој е многу актуелен и некогаш знае да испрати индиректна порака кон Бугарија поради непризнавањето на нашиот македонски јазик. Како што вели тој, гајле му е како Бугарите ќе не нарекуваат.

Не знам дали има реакции од нивна страна и не ме интересира. Всушност не ме интересира апсолутно ништо од она што тие го кажуваат. И баш ми е гајле како Бугарите ќе не нарекуваат нас, нашата земја и нашиот јазик. Јас точно знам кој сум, од каде сум и на кој јазик говорам. Што да кажам за народ кај кого една од националистичките песни вели: „Од Черно море до Охрид, од Дунав до Бјалото море““, раскажува тој.

Што се однесува до политичката состојба во Северна Македонија, тој вели дека таа него го забавува.

Политичката ситуација во Македонија е врвка. Ниту можеш да ја заврзеш, ниту можеш да ја одврзеш. И не само што не ме плаши, туку и ме забавува. Имаме водачи кои сами си ги заслуживме. А после онадење, нема каење“, вели Џамбазов.

И покрај се, тој не се плаши од самотијата на стари години. Како што вели, ужива во неа но, не е осамен. Така, додава, ќе биде до крајот.

Фото – Томислав Георгиев, емисија Еден на еден, инстаграм профил на Игор Џамбазов

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости