ИДСЦС: Со институциите не треба да раководи оној кој е посакуван, туку оној кој е најпотребен

by fokus

Градењето на силни државни институции е возможно само доколку со нив раководат искусни, професионални и квалитетни лица, порача денеска преку соопштение Институтот за демократија.

Оттаму истакнуваат дека во постапка се неколку закони кои ќе овозможат државните институции и администрацијата да го искористат максимумот и да работат во служба за граѓаните. Иако, како што наведуваат, процедурата за овие закони може да одземе многу време, Институт за демократија смета дека Владата во овој период има можност на дело да ги покаже и докаже своите заложби со тоа што ќе овозможи законски и фер избор на функционери на високи раководни позиции, соопштува Институтот за демократија.

Според нив, законските измени проследени со силна политичка волја за соодветна имплементација се клучни за функционални институции раководени од искусни, квалификувани и квалитетни кадри. Ова, посочуваат, е најголемиот предуслов за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. На овој начин институциите ќе го оправдаат своето постоење и ќе работат во служба на јавниот, наместо на приватниот интерес на политичките и бизнис елитите.

Од Институтот потенцираат дека начинот на избор на високата раководна служба мора да биде транспарентен и лесно достапен за сите заинтересирани, преку јавни огласи со одреден конкретен рок кој мора да биде испочитуван. Исто така, посочуваат дека е многу важно да се воспостават критериуми по кои највисоко вреднувани ќе бидат лицата кои поседуваат интегритет, квалитет и релевантно искуство.

– Оттука, доколку Владата сака да покаже дека работи во интерес на сите граѓани, мора ја отфрли партиската припадност од листата на приоритети. Само на тој начин, може да се изберат соодветни кандидати кои ќе одговорат на задачите на институцијата во која се именувани. Во овој контекст, враќањето на довербата на граѓаните во институциите, е можна единствено ако процесот на избор на раководната служба е соодветно документиран и достапен до јавноста и недвосмислено покажува зошто токму тоа лице е најсоодветно за работната позиција. Единствено на овој начин ќе имаме функционални институции и задоволни граѓани, се наведува во соопштението.

Сите политички чинители, дополнуваат од Институтот, ја искажуваат својата заложба за влез на државата во Европската Унија, како и развивање на македонското општество во демократија во вистинската смисла на зборот. Овие заложби се искажуваат во најразлични прилики од интервјуа до предизборни кампањи. Но, вистинските заложби, се покажуваат на дело, преку континуирани реформи и видливи резултати, порачува Институтот за демократија.

Поврзани новости