Идната недела одлука дали ќе продолжи мерката за родителите на деца до 10 години, најави Филипче

by Frosina Fakova

Министерот за здравство Венко Филипче вечерва најави дека на почетокот на следната недела ќе биде донесена одлука дали ќе продолжи да важи мерката за родителите на деца кои сега се ослободени од работа и за хронично болните.

На гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ 21, министерот Филипче рече дека во следните денови за ова ќе биде отворена дискусија во Комисијата за заразни болести и оти одлука може да се очекува на почетокот на следната недела.

– Тоа беше одлука за родители на деца заради тоа што се затворија градинките и училиштата, вклучително и за луѓето кои се хронично болни за кои се уште важи мерката. Меѓутоа во следните денови ќе отвориме дискусија најпрво во Комисијата за заразени болести според проценката на ризик во сегашната ситуација на епидемијата и на почетокот на следната недела ќе донесеме одлука дали тоа ќе продолжи да важи или не. Секако дека еден од факторите што ќе се земе предвид е и отворањето на градинките. Тука зборувам за категоријата на родители на деца до 10 години чии деца ќе можат да одат во градинка. Значи, нова одлука и соодветна препорака ќе дојде на почетокот на следната недела, изјави Филипче.

Поврзани новости