Ибраими од БЕСА: Заев дали ја знае разликата меѓу реформа и рециклирање

by fokus

„Господине Заев дали знаете која е разликата меѓу зборот „реформа“ и зборот „рециклирање“? Јас бев убеден дека причината зошто вие ја одбивте соработката со нас беше нашето барање за редифинирање на државата, но денеска нми е јасно дека тоа е нашето барање во владата да нема корумпирани лица“, рече денеска Зеќирија Ибраими од БЕСА во неговото собраниско обраќање кон мандатарот Зоран Заев.

Според Ибраими, најголемиот дел од режимот денеска дефинитивно паднал но тие се уште не може да прогласат победа затоа што и другиот дел од режимот не е паднат, алудирајќи на партијата ДУИ.

„Почитуван мандатар имајќи го предвид вашиот кабинет морам да ви честитам за вашиот одличен избор, но еден дел од кадарот е далеку од нашите очекувања. Каква веш машина имате со која ги перете корумпираните лица? Граѓаните сакаат да знаат зошто Катица Јанева уште нема тужба за ниеден политичар од ДУИ. Дали сте ги простиле тие дела на ДУИ? Како се вика тој што во прислушуваните разговори беше корумпирана личност а сега е во вашиот кабинет?

Со овој кадар од ДУИ кога гледам одредени министри сакам да ве прашам дали ги прифативте и Груевски и Мијалков за министри. Може да крадат и да бидат корумпирани и на крај вие ќе ги направите функционери и ќе им простите“, рече Ибраими.

Тој го запраша Заев дали ќе дозволи Груевски да владее со него преку ДУИ.

„Како се вика партијата која 10 години служеше на ВМРО-ДПМНЕ а сега е во коалиција со СДСМ. Дали денес разбравме зошто вчера не се обедини албанската опозиција? Дали видел некој што е договорот на коалиционите партнери? Како се викаат тие политичари кои се откажуваат од заедничката декларација на албанските политички партии? Сонував да гласам „за“, но не можам да бидам мазохист, не можам да гласам против самиот себеси, се плашам од Господ, но како велат што ќе посееш тоа ќе жнееш“, рече тој.

Поврзани новости