Ибраими до Џафери: Скандалозна и противуставна е одлуката за нов член на ДИК

by Fokus

Бедредин Ибраими, член на Државната изборна комисија (ДИК) од редовите на ДПА, смета дека одлуката за измени во Изборниот законик и распишување оглас за нов член на ДИК што вчера ја донесоа пратениците, е скандалозна и противуставна. Со ваквите измени, на негово место треба да дојде нов член, но од БЕСА.

Тој посочи дека испратил допис до претседателот на Собранието, Талат Џафери, во кој укажува на незаконитоста на одлуката.

– За да се распише оглас за нов член, прво треба некој да се разреши, а за да се разреши треба да се исполни барем еден од условите утврдени со член 28 од Изборниот законик. Мандатот во траење од пет години е стекнато право на постоечките членови на ДИК и истиот не може да се одземе со именување и дополнување на Изборниот законик на скандалозен, противуставен и спротивно на Вашиот деловник, без притоа да се побара мислење од влада и други надлежни органи во однос на основаноста на измените – вели Ибраими во писмото до Џафери.

Тој вели не планира да си поднесе оставка бидејќи тоа би значело дека се согласува со незаконитоста.

 

Поврзани новости