И заменичката на Арсовска, Бујаре Абази од Алијанса поднесе оставка

by fokus

Бујаре Абази од Алијанса на Албанците поднесе оставка од функцијата заменик градоначалничка на главниот град. Причина за оставката се директорските места што вчера ги додели Арсовска во Јавните претпријатија, на кадри од ДУИ.

-На последните локални избори во Град Скопје ветивме дека ќе ги тргнеме од власт тие коишто наштетија, ограбуваа и им го влошија животот на скопјани. Но, актуелната Градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, направи две скандалозни прекршувања на договорот и заложбата што ја дадовме пред граѓаните.

Целата јавност вчера беше сведок како Арсовска им даваше власт на структури кои со години им нанесуваат тешка штета на Албанците воопшто и на скопјани особено. Поради овие причини и тие наведени на почетокот, сакам да ја информирам јавноста дека денеска поднесувам оставка од функцијата Заменик градоначалник на Град Скопје и дека актуелното раководство нема да ја има нашата поддршка, изјави Абази.

Во реакцијата на Град Скопје пак се вели дека Абази не беше партиско решение и на функцијата земеник беше назначена како личност која треба да ги застапува интересите на граѓаните.

-Искрено жалиме што Абази одлучи партијата да ја стави пред интересот на градот и скопјани, но тоа е нејзина одлука.

Департизацијата во институциите мора да биде постулат врз кој ќе се градат професионални јавни институции, а секој кој партиските интереси ги става над јавниот интерес, јасно е дека не може да функционира во насока на соодветно застапување на скопјани, се вели во реакцијата на Град Скопје.

Поврзани новости