И за Латас ќе запре судењето за викендичката за која го гонеше СЈО?

by fokus

Дали новиот Закон за дивоградби од кривичен прогон ќе го спаси и новинарот Драган Павловиќ-Латас кој кривично се гони за бесправна изградба на викендичка, случај што го отвори СЈО?

Ова прашање се наметна откако ќе се погледне Членот 41 од Законот, додаден на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, кој предвидува да се стопираат сите граѓански и кривични постапки што се во тек и произлегуваат од постапки за отстранување објекти и постапки во врска со изградба на бесправни објекти од значење за Републиката и од локално значење.

За коментар ја побаравме обвинителката Елизабета Јосифовска, која и сега е надлежна за предметот. Таа вели дека ќе треба да се почека Законот да биде објавен во Службен весник, за да се види што точно предвидува.

Обвинителката потсетува дека слична ситуација имаше и во 2011 година, со тогашниот Закон за легализација на дивоградби, по што тогаш обвинителството им дало точни насоки како да постапуваат со предметите.

Латас за овој случај доби ослободителна пресуда, но Апелација ја укина и предметот се врати на повторно судење. Тој и неговите браќата се гонеа од СЈО за градење на три викенд куќи во Зелениково, кои според обвинителството почнале да ги градат во 2011 година, а одобренијата за градба ги добиле во 2013 година.

Според првостепената пресуда, обвинетите браќа се ослободуваат од обвинение за бесправо градење, односно не се виновни, бидејќи како што рече не сториле кривично дело според закон.

Судијката при објавата на пресудата појасни дека од суштествено значење е што никоја од институциите не реагирале, односно не утврдиле дека се градат дивоградби. Потоа објектите биле впишани, а никој не го оспорил нивното впишување во Катастар.

-За овие објекти постои одобренија за градба од 24 јануари 2013 година, и никој не ги оспорил, рече судијката Марија Клетничка.

Но набрзо првостепената пресуда падна и случајот почна од почеток.
На Латас и на неговите браќа, според кривичното дело за кое се обвинети им се заканува казна затвор од три до осум години.

Валентина Вурмо

Поврзани новости