Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во 15 ноември 2012 година под насловот „Ресенските гласови се купуваат со дрва за огрев или за сини картони!“.

Пишува
Мери ЈОРДАНОВСКА

Во Ресен метеж. Се ближат избори, се бистри политика, се агитира, се ветува… По избивањето на ресенскиот скандал околу фиктивното доселување на гласачи од Мала Преспа и експресното издавање лични карти за нив, дента кога пристигнавме пред нотарските канцеларии беше мирно, иако жителите на Ресен нѐ предупредија:

– Немојте да се паркирате пред нотарските канцеларии, да не настане проблем!

Проблем реално не настана, иако „учтиво” бевме избркани од речиси секоја нотарска канцеларија каде што се обидовме да влеземе и да прашаме колку нотарски договори за бесплатен закуп на стан биле потпишани во последниов период со граѓани од Мала Преспа. Опозицијата веќе обелодени шема, според која на лица од Мала Преспа им се издаваат лични карти со фиктивно живеалиште во Ресен за да можат да гласаат. Некаде по седум, некаде по десет, а некаде и по триесет лица се пријавени дека живеат на иста адреса. За ова, единствен доказ беа фотографиите со метежите пред дел нотарски канцеларии.

Екипата на „Фокус” беше на самото место за да ја провери веродостојноста на информациите. Од она што успеавме да го видиме, пред нас се избори каде што ОБСЕ/ОДИХР богами ќе има бајаги работа.

 

ГОСТОПРИМЛИВИТЕ НОТАРИ РЕСЕНСКИ

Според документите што ги обелодени Андреј Петров, станува збор за договори заверени кај нотарот Николче Павловски, според кои стан им се издава бесплатно на лица од Мала Преспа, со цел потоа истите да можат да извадат лична карта и да пријават живеалиште во општината, па така и да влезат во избирачкиот список. Објектот каде што наводно се сместени трите брачни двојки и уште едно лице, се води на улицата „Мите Богоевски “во Ресен, а негов сопственик е Љупчо Поп – Гошевски.

Прво се упативме кај нотарот Павловски, да го прашаме врз која основа тој ги заверил документите дека тие лица навистина живеат во бесплатно закупен стан во Ресен. Пред да се претставиме, тој учтиво нѐ покани да седнеме, но кога му кажавме зошто сме дојдени, ни рече:

– Да не ме сфатите погрешно, јас не ве отстранувам од оваа канцеларија, но учтиво ќе ве замолам да си одите, бидејќи навистина немам што да ви кажам. Нотарот само врши заверка на потпис и тоа е сѐ. Друга надлежност јас едноставно немам – ни рече Павловски.

Така, ја напуштивме канцеларијата на нотарот каде што во последниве денови вриеше од народ – од нигде никаде, секојдневно по десетици лица од Мала Преспа сакаа да заверуваат договори, дека имаат бесплатно живеалиште во Ресен со цел да извадат лична карта. Кога ја напуштивме нотарската канцеларија, не пречека жител на Ресен и ни рече: „Знаеме зошто сте тука, одете малку подолу, има уште еден нотар каде што има гужва. Во последниве денови стотина од Мала Преспа дојдоа да вадат лични карти за да можат да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ”.

Само на стотина метри подолу, влеговме во нотарската канцеларија на Мексуд Максуд, но и таму не наидовме на позитивен прием.

– Ве молам, немам јас што да ви одговарам. Прашајте си во Нотарската комора, таму нека ви објаснат – ни рече тој.

Па, така, тргнавме по адресите за кои се тврдеше дека десетина лица се сместени и живеат на едно место, за да видиме колкави треба да бидат тие објекти што можат да соберат толку народ и тоа токму пред избори!

 

ПОП-ГОШЕВСКИ ИЗДАВА СОБИ БЕЗ ПАРИ – ОД ЖАЛ!?

На улицата „Мите Богоевски“ ја најдовме куќата на Љупчо Поп-Гошевски, човекот кој, според документите на опозицијата, бесплатно им издава дел од куќата на лица од Мала Преспа, кои сега чекаат редови за да извадат лична карта и на тој начин да влезат во Избирачкиот список. Неговиот брат Неделко Поп-Гошевски е поранешен кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Искрено, не очекувавме дека ќе видиме две куќи, од кои едната беше навистина трошна, скриени зад речиси распадната ограда. Кога влеговме внатре, не видовме ниту еден од седумте лица од Мала Преспа чие живеалиште сега со нотарски документ се води на оваа адреса. Нѐ пречека единствено газдата Поп-Гошевски, кој прво не беше баш расположен за разговор.

– А зошто, па вас тоа ве интересира? Моја работа е на кого издавам соби и за што ги издавам. Јас со тоа се занимавам речиси 15 години, имам 20 соби што ги издавам, што е тука спорно?! – ни рече тој.

Но, спорното дојде кога го прашавме за колку пари им ги издава собите за лицата од Мала Преспа.

– А што е тоа важно? – нѐ праша.

– Во документите стои дека им ги издавате бесплатно – му рековме.

– Тоа си е моја работа, не ваша. За колку сакам ќе ги издавам – ни рече.

Реално, на секој би му паднало чудно некој 15 години да издава соби онаму каде што живее, а наеднаш, пред избори, да ги издава бесплатно. И не мора пред избори, самиот факт некој да се бави со издавање недвижнини, и тоа бесплатно, е повеќе од симптоматичен. Па така, се спушти и топката на нашиот муабет со Поп-Гошевски, па се обиде да ни објасни.

– Едноставно, луѓето ме замолија да им потпишам документ дека седат овде и јас им потпишав. Тоа со лични карти, со гласање, ама воопшто не ме интересира. Јас во УЈП редовно си уплаќам данок за тоа што издавам простор под закуп. По толку години, јас се зближив со тие луѓе од Мала Преспа, сиромашни се, со месеци седат тука, берат, пакуваат јаболка, зашто немаат од што друго да живеат. Па децата им се овде запишани на училиште, заб да им се расипе не можат на доктор да отидат – ни рече газдата на куќата.

Иако во неколку наврати рече дека ќе ни ги покаже собите каде што живеат лицата од Мала Преспа, тоа не се случи. Останавме во дворот и потоа си заминавме. Друго лице, освен него, не видовме!

 

КОЈ ЖИВЕЕ ВО СТАНОТ НА ЕДМОНД ТЕМЕЛКО?

По само половина час муабет со жителите од Ресен, ни изнакажаа уште десетина имиња на моќни локални лица од општината каде што во последниов период фиктивно се населуваат жители на Мала Преспа. Меѓу нив, ни спомнаа и зет на пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, потоа братучеди на вработени во полицијата, попови…

Според нив, има делови од Ресен, особено во селата каде што речиси никој не влегува, каде на иста адреса се заведени дека живеат и по триесетина лица од Мала Преспа. Отидовме до едно од тие села, Прељубје, кое се наоѓа на десетина километри од Ресен.

Навистина личеше дека жив човек таму не стапнува, но токму во ова село се заведуваат лицата кои наводно живеат таму, а врз таа основа можат да извадат и лична карта. Во една од приватните куќи која ни беше посочена, го видовме знамето на ВМРО-ДПМНЕ. Дворот беше празен, паркирано беше само едно возило, а селаните што ги сретнавме ни рекоа дека освен што повремено го гледаат газдата, друг човек во куќата не виделе.

Едно од имињата кое исто така се споменува како издавач на стан за повеќе лица од Мала Преспа е и градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко. Тој има сопствен стан од педесетина квадратни метри во Ресен, а според муабетите на ресенчани, на неговата адреса биле заведени дека живеат уште неколкумина лица од Мала Преспа. Се обидовме да се увериме во овој податок на самото место, па тропнавме на вратата на станот на Темелко на улицата „Ленинова“, на околу 300 метри од центарот на Ресен.

Вратата ни ја отвори неговата сопруга, а во станот беше и нивното дете. Други лица не успеавме да видиме. Ја прашавме дали во станот живеат и други лица, а сопругата на Темелко збунето ни одговори:

– Па да, има и други – ни рече.

– Колку луѓе живеете во овој стан? – ја прашавме.

– Има, доаѓаат и си одат, живееме повеќе луѓе – збунето ни одговори таа.

Разговаравме со некои од соседите кои ни изјавија дека освен семејството на Темелко, односно сопругата и двете деца, други лица во станот не виделе. Но, кој може да докаже?!

 

БИТОЛСКАТА ПОЛИЦИЈА НЕ ОДГОВАРА ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ

Фотографиите и документите со кои располага опозицијата, навистина родија сериозен сомнеж за можност за злоупотреби со избирачките списоци, нешто со што сериозно треба да се зафати обвинителството, каде беа поднесени документите.

Од разговорите со ресенчани, оваа појава е лесно проверлива, особено доколку полицијата излезе на терен, како што направи и екипата на „Фокус” со тоа што во тој случај, нема така лесно да добива одговори од типот „немам што да ви кажам” или „кои сте па вие за да ви објаснувам”.

Дури и да постои и најмал сомнеж дека нотарски заверените договори за престој организирано се носат во подрачната служба на Министерството за правда, каде се поднесуваат барања за издавање нови лични карти, со што се создаваат предуслови новите гласачи да бидат впишани во Избирачкиот список, случајот треба да се провери за граѓаните да ја вратат вербата во демократското право на глас.

Бидејќи од она што успеавме да го видиме во Ресен, жителите се подготвени да зборуваат! Отворено кажуваат дека стотици граѓани чекаат пред нотарските канцеларии! А зделката е многу лесна, особено кога станува збор за региони кои се сериозно зафатени од сиромаштија како што е Мала Преспа.

– Немојте да мислите дека ова е нешто ново, па тука во Ресен и со дрва се купуваа гласови, за 2-3 кубици се продаваа – ни рече еден од жителите.

Но, овој случај е малку посериозен од кубик дрва. Некој со пријавеното живеалиште на адреса во Ресен или каде било, ќе добие лична карта и право на глас, но освен тоа ќе добие и здравствено осигурување и право за земање социјална помош. А што викаат законите за тоа како се добива лична карта е сосема друга работа. Сосема трета работа, пак, е нетранспарентноста на СВР-Битола кога станува збор за барањето за издавање лични карти.

Се обидовме да стапиме во контакт со портпаролот на СВР-Битола Ѓоко Стрезовски со прашање колку барања за издавање лични карти се поднесени во последните 3 месеци годинава, а колку во истите месеци лани. Тој побара прашањето да му го доставиме писмено, но одби да го прими по електронски пат, туку ни кажа дека истото морало да биде пратено по пошта! Прашањата во моментов патуваат кон Битола, па бројките ќе бидат објавени кога ќе заврши преписката со битолската полиција, ако воопшто бидеме удостоени со одговор.

 

ГЛАСОТ ДА ДОПРЕ ДО ШВРГОВСКИ!

Како што успеавме да дознаеме во разговорите со ресенчани, на последната анкета што ВМРО-ДПМНЕ пред два месеца ја порачала за сопствени потреби преку Институтот за политички истражувања, резултатите за локалните избори во март оделе во корист на опозицијата, па оттаму настанала и сета паника за да се најде начин да се соберат повеќе гласачи.

Во мали места како што е Ресен, и неколку гласови прават разлика, бидејќи некогаш градоначалничко место се добивало и со шест гласа разлика. Во случајов, на Избирачкиот список во Ресен има 19.000 гласачи од кои десетина илјади излегуваат на гласање. Со последниот скандал што го откри опозицијата, претпоставките се дека списокот засега е зголемен за уште 385 гласачи од Мала Преспа.

Фактот дека овие лица навистина работат во Ресен кога се берат и пакуваат јаболката останува, но потребно е малку повеќе од тоа за да се добие и право на глас. А во Ресен, барем од она што успеавме да го видиме, гласот вреди колку едно здравствено осигурување, два кубика дрва или социјална помош.

Да ја оставиме на страна сиромаштијата, бидејќи со еден глас таа не се сузбива. Но, тој еден глас кажува многу за валидноста на изборниот процес во Македонија и редно е тој глас да допре и до државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски и до сите надлежни кои се должни да го обелат образот на земјава пред меѓународните институции кога станува збор за градоначалничките фотелји!

„ВИЕ НОВИНАРИТЕ СТЕ ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ!“

Со оглед на тоа што градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко не беше дома при нашата посета во Ресен, се обидовме по телефон да го прашаме дали навистина во неговиот стан се пријавени дека живеат уште неколку лица, со цел да добијат лични карти, а со тоа и право на глас на претстојните избори. Ова беше неговиот одговор:

– Јас не знам какви лични работи имате вие против мене! Не знам зошто постојано ме злоупотребувате вие од „Фокус”! Има институции, обратете си се таму! Ние немаме ништо со партии, ако вие си имате проблем со ВМРО-ДПМНЕ, решавајте си го. Сите вие сте партиски војници. Не одговарам на ниедно ваше прашање, пријатно.

БУЗЛЕВСКИ: САМО СО ФИНГИРАНИ ГЛАСОВИ МОЖАТ ДА СЕ НАДЕВААТ НА ПОБЕДА

Со оваа појава се кршат многу закони во Република Македонија, вели поранешниот градоначалник на Ресен Димитар Бузлевски.

– Појавата е реална, а целта е да се обезбедат сигурни гласови, зашто само со фингирани гласови може да се надеваат на подобар резултат. Ние сето ова ќе го провериме докрај и ќе бараме одговорност од сите кои учествувале во процесот на повреда на законите – вели тој.

Што вели законот?

Изборен законик, член 6

Право да избира има секој граѓанин на Република Македонија кој наполнил 18 години живот и има деловна способност и е со постојано живеалиште во изборната единица, општината или градот Скопје каде што се врши изборот.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.