И Стојанче Ангелов во трка за директор на јавната полиција

by Фокус

Лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов е во трка за една од највлијателните функции во МВР – директор на Бирото за јавна безбедност, информираат добро упатени партиски извори.

Ангелов ужива голем авторитет во полицијата, со оглед дека 16 години беше дел од безбедносните структури, а во конфликтната 2001 година, кога беше тешко повреден во скопско Арачиново, беше генерал на полициските Тигри.

Но, откако се активираше во политиката, застанувајќи на чело на партијата на македонските бранители, тој го напушти МВР и наскоро замина на печалба во Ирак, Авганистан и Сомалија.

Инаку, неговата партија излезе самостојно на парламентарни избори во 2011 и 2014 година, на кои освои по околу 10.000 гласови, додека на последните парламентарни избори во 2016 година настапи како дел од коалицијата ВМРО за Македонија, заедно со ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски и Обединети за Македонија на Љубе Бошкоски.

Во меѓувреме, тој активно учествуваше на протестите на Шарената револуција и беше фронтмен на протестите пред Македонската-радио телевизија, поради тоа што јавниот сервис одби да ги публикува политичките „бомби“ на опозицијата.

Како што веќе објавивме, во конкуренција за челната полиција во јавната безбедност е и поранешниот директор на јавната полиција Лазо Велковски, кој цел живот е дел од полициските структури, додека со доаѓањето на Оливер Спасовски на чело на МВР во пржинската влада беше поставен за началник на СВР Скопје.

Останува да видиме дали премиерот Зоран Заев ќе се одлучи повеќе за политичко решение за моќната полициска функција, односно за Ангелов, а Велковски да добие друга позиција во јавната безбедност, или, пак, ќе оди Велковски како чисто полициско решение.

Фокус пред извесно време објави дека Заев со лидерите од партиите од коалицијата ВМРО за Македонија е во постојани контакти, со цел и овие партии да бидат вклучени во новата влада со директорски позиции, па именувањето на Ангелов би било токму во склоп на оваа идеја.

В.С.

Поврзани новости