И случајот „Талир 1“ ќе почне од почеток поради разрешениот судија

by fokus

Со разрешувањето на судијата Горан Бошевски, освен случајот „Траекторија“, од почеток ќе стартува и судењето за „Талир 1“, исто така предмет отворен од поранешното СЈО. Во овој случај Бошевски беше втор судија, заедно со колегата Осман Шабани.

Денеска Судскиот совет го разреши судијата, но оттаму не откриваат детали, ниту пак го споменаа неговото име, се до правосилност на одлуката.

Обвинението во „Талир 1“ се однесува на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и со него се опфатени Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и ВМРО-ДПМНЕ како правен субјект, кои се товарат само за перење пари.

На листата обвинети првично се најде и Елизабета Чингаровска, но на неа не ѝ се суди бидејќи се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Судењето за случајот „Траекторија, кое исто така ќе стартува од почеток, за изградбата на кинеските автопати – делниците Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид почна уште во 2017 година и се уште нема пресуда, но беше во при крај.

Во случајот освен Груевски обвинети се поранешните владини функционери, Миле Јанакиески и Владимир Пешевски и поранешниот директор на Агенцијата за патишта Љупчо Геориевски. Кривичното дело што му се ставаше на товар на Груевски пак застаре во текот на судењето. Судењето сепак би требало да почне од почеток и со Груевски како обвинет бидејќи застарувањето на делото се утврдува дури во пресудата.

В.В.

Поврзани новости