И покрај малиот број новозаразени, Кина заклучува цели населби и тестира милиони луѓе

by Fokus

Кинеските власти тестираат милиони луѓе, воведуваат карантини и затвораат училишта, откако минатата недела открија неколку локални трансмисии на коронавирус во три града во земјата.

Деновиве се спроведуваат обемни мерки во градовите Танџин, Шангај и Манџули, и покрај релативно малиот број потврдени нови случаи на коронавирус во споредба со САД и другите земји каде се забележуваат нови бранови на зараза.

Многу експерти и владини претставници предупредија дека вирусот е поверојатно да се прошири со студеното време.

Неодамнешните нови жаришта покажаа дека сè уште постои ризик од враќање на вирусот, иако во голема мерка е под контрола во Кина.

Националната здравствена комисија пријави две нови локални преноси на коронавирус во Шангај во претходните 24 часа, што е вкупно седум случаи од петокот.

Двата најнови случаи на зараза во Шангај се блиски контакти на работници на аеродромот каде што беше потврдена зараза со коронавирус во ноември.

Синоќа меѓународниот аеродром во градот Пудонг одлучи да ги тестира своите вработени и собра 17.719 примероци до раните утрински часови денеска.

Планирано е да се тестираат други во околните заедници доколку се евидентираат нови случаи на зараза.

Видеа објавени преку социјалните мрежи покажуваат хаотични сцени на аеродромот кога на вработените им биле дадени итни упатства да се тестираат. Се гледаат луѓе додека стојат во големи групи и се туркаат меѓу службените лица во заштитни одела.

Шангај е повеќе селективен во однос на масовното тестирање, насочено кон луѓе поврзани со одредено место, како што е аеродром или болница, наместо да тестира цела населба.

Во Тијанџин, здравствените власти собраа повеќе од 2,2 милиони тестирани примероци од жители на округот Бинхај, бидејќи минатата недела беа регистрирани пет локално пренесени случаи.

Во Тијанџин, властите затворија една градинка и ги преместија сите воспитувачи, семејства и деца во централизирана област во карантин. Тие исто така го затворија станбениот комплекс каде беа пронајдени тие пет случаи.

Во Манџурија, град со над 200.000 жители, локалните здравствени власти ги тестираат сите жители откако во саботата пријавија два случаи на зараза со коронавирус. Тие исто така ги затворија сите училишта и јавни места и забранија јавни собири и прослави.

Кина применува груб пристап секогаш кога ќе се забележат локални случаи на пренесување. Заклучува цели населби и тестира милиони луѓе.

Кина евидентирала вкупно 86.442 потврдени случаи на зараза и 4.634 починати од моментот кога вирусот првпат беше забележан во градот Вухан кон крајот на минатата година.

Поврзани новости