И на првите избори во 1990-та година ВМРО-ДПМНЕ победи со глумење антиалбанство

by Фокус 10:15
10:15

Текстот е објавен на шести ноември 2009-та во неделникот „Фокус“ во бројот 749

Пишувал
Стојан АНДОВ

- Advertisements -

За да успеат политичарите од новата генерација во задачата што пред нив ја постави историјата, треба јасно да си ја формулираат својата цел. Република Македонија сѐ уште е во транзиција и тие треба да го завршат тој процес. За успешно да си ја остварат таа цел, сегашните млади политичари треба да ги отстранат наследените препреки во развојот на државата, за која велат дека е „килава“.

Треба да се знае дека последните неколку години пред одржувањето на првите повеќепартиски избори, во Македонија течеше противречен политички процес. Најголемо влијание на политичката атмосфера во Македонија, покрај вкупните процеси, поттикнати од Горбачов, и нивното влијание во тогашна Југославија, особено имаа настаните во Србија.

Политичкиот процес кој го поведе Слободан Милошевиќ како доминантна политичка личност во својата земја, имаше силен одек и во Македонија. Откако Милошевиќ ја зеде севкупната власт во Србија преку таканаречената антибирократска револуција, ги подреди на својата волја раководствата во Војводина, Косово и Црна Гора, а вршеше силен притисок врз Србите во Босна и Херцеговина и во Хрватска.

Се обиде дури да ја дисциплинира и Словенија. Поради различниот став на раководството на таа Република по прашањето на Косово, спротивен од оној на Милошевиќ, тој се обиде да организира „случувања на народот“ во „Цанкарјев дом“ во Љубљана, но без успех.

Од тој страотен притисок не беше поштедена ни Македонија. Во тој поглед, знак за стартот на непосредниот притисок врз Македонија беше даден со несреќното интервју на Лазар Колишевски во „Нин“. Во таа прилика Колишевски ја нападна Титовата политика, како што тој ја нарече, на „слаба Србија како услов за јака Југославија“. Колишевски изнесе мислење дека таа политика ја разбива Југославија и за тоа треба да биде заменета со нова политика која ќе поаѓа од принципот „јака Србија за јака Југославија“.

ПРОЕКТ „КОСОВИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА“

Тогаш Колишевски, всушност, ги прифати некои од главните тези на Меморандумот на САНУ, а исто така се вплетка и во тековната политичка борба во Србија, вртејќи им го грбот на старите пријатели Стамболиќи и поддржувајќи ја страната на Милошевиќ. Тоа даде поттик за промена на атмосферата во Македонија. Започната е критика на Уставните решенија од 1974 година. Тие во јавноста почнаа да се оценуваат како национално предавство, бидејќи во нив, покрај на македонскиот народ, државотворна позиција им се обезбедувала и на албанската и на турската народност.

Паралелно со тоа почнаа да се истакнуваат бројни примери за тоа дека Албанците, пред сѐ во населбите кај што се мнозинство, граделе куќи со високи ѕидови околу дворовите, што беше оценувано како нивно подготвување за оружен отпор во иднина. Тој притисок толку нарасна што навистина во повеќе случаи беа насилно рушени ѕидовите, а во еден таков случај во Арачиново, мирно давајќи отпор, животот го изгуби еден селанец.

Во тој период нагло нарасна и притисокот против Албанците во образованието. Беше донесен Закон со кој се укина Педагошката академија што имаше за цел школување на наставници на албански јазик. Почна диференцијација на Албанците, пред сѐ во образованието, во редовите на Сојузот на комунистите на Македонија. Многу од нив беа исклучени од партијата, речиси сите од исклучените ја изгубија и работата, а почнаа и сомневања и прогони за сепаратизам и иредентизам. Значаен број беа апсени и осудувани на затворски казни.

Гледано од денешен аспект на сите тие настани заедно, се добива впечаток дека со груби непромислени и сурови мерки на партијата и на власта фактички се остварувал замислен проект, кој имал за цел во Македонија да го произведе истиот степен на меѓуетничка напнатост, како на Косово, т.е. проект за косовизација на Македонија. Инаку, оние што граделе куќи и ѕидови околу дворовите, оние диференцираните, судените и затвораните, во јавноста беа обвинувани дека имаат намера да ја косовизираат Македонија. Со таква извртена слика пласирана во јавноста, обично се служат тајните служби кога сакаат да ја прикријат суштината на некој свој проект и да го прикријат постоењето на проектот.

Имаше и македонски политичари кои не покажаа подготвеност да молчат за таа погубна политичка кампања, која, пред сѐ, им штетеше на Република Македонија и на македонскиот народ. Тие, таму каде што можеа, си ги искажуваа своите мислења, и така, се појави тивок, но цврст отпор кај одредено малцинство македонски политичари на сите нивоа. Проценувајќи ја поради тоа положбата како зрела за негова интервенција, Слободан Милошевиќ дојде во Скопје. Меѓутоа, беше изненаден.

Тогашниот претседател на ЦК-СКМ, Јаков Лазароски отворено му се спротивстави на неговите опасни претерувања. Милошевиќ изгледа веќе знаел за отпорот на Лазароски пред таа посета. Затоа не се впушти во полемика со него, туку го премолча говорот на Лазароски. Меѓутоа, наскоро во македонските медиуми и од некои општински активи почна да се шири прикаската за „скриеното лице на Јаков Лазароски“. Почна да се пишува и зборува за насилната природа на Лазароски, за неговата себичност и грабежливост, почнаа да се шират сомневања за легалноста на плацот што го добил во месноста Елен Камен за изградба на неговата викендичка, беше обвинет во јавноста дека ги лаже селаните од селото Октиси дека ќе им изгради водовод, а всушност ги зема водите од вевчанските извори за да одведе свежа изворска вода во својата викендичка во Елен Камен.

Обвиненијата беа лажни и личеа како јајце на јајце на оние што беа изрекувани кога требаше да бидат соборени луѓето од раководството во Војводина, на Косово и во Црна Гора. На Лазароски, брзо по посетата на Милошевиќ на Скопје, му се случија повеќе „скалести“ политички паѓања и беше извесно дека неговата политичка кариера ќе заврши по истекот на неговиот мандат – есента 1989 година. Инаку, во Македонија, Лазароски не беше сосема осамен. Во партијата имаше цврсто јадро околу себе, а доста јако јадро го поддржуваше и во Владата на Глигорие Гоговски. Затоа тој беше сепак доволно моќен да помогне со изборот на новиот претседател на ЦК на СКМ да дојде личност за која тој верува дека ќе го продолжи неговиот отпор.

НЕВЗАТ ХАЛИЛИ НА БЕЛ КОЊ

Во тоа време бев амбасадор во Ирак, но се случи една недела пред Конгресот на СКМ да бидам во Скопје поради семејни причини. Тие денови ми се јави Петар Гошев, дојде кај мене дома да поразговараме. Беше свесен со што ќе се соочи ако биде избран, но добив впечаток дека сепак беше решен да се соочи со предизвиците. Тие денови штотуку заврши острата полемика меѓу Јаков Лазароски и Васко Костојчиновски. Овој вториот остро го напаѓаше Лазароски и ги порекнуваше неговите способности за раководење.

Му го спомнав тоа на Гошев. Тој ми рече дека „тие“ сакаат да го намалат влијанието на Лазароски на Конгресот, за да ги намалат неговите (на Гошев) шанси да биде избран, но тој сепак беше убеден дека ќе успее. Се вратив во Багдад и наскоро прочитав во „Нова Македонија“ дека Гошев е избран за претседател на ЦК. Си помислив дека силите што сакаа да го тргнат Лазароски, успеаја во тоа, но добија поцврст противник.

Во јануари, на 14-от Конгрес на СКЈ, кога словенечката и хрватската делегација го напуштија Конгресот во знак на несогласување со политиката на Милошевиќ, Конгресот го напушти и македонската делегација. Гошев тогаш даде доста добри и достоинствени изјави и неговата популарност во Македонија порасна. Наскоро тој се обиде да внесе нов дух во својата партија. Земајќи го примерот на Словенците, усвои додавка на името и ја нарече СКМ – Партија за демократска преобразба. Меѓутоа, без оглед на овие успеси на Гошев, и пред тоа и по тоа, во тој период во Македонија далеку најпопуларни политичари беа Слободан Милошевиќ и Васил Тупурковски.

Навестувањето дека Гошев ќе инсистира Македонија да го следи словенечкиот пат во годините што доаѓаа предизвика контра удар. Во јавноста наскоро почна кампања против Гошев поради новото име и симболите што и ги наметнал на партијата.

Тајните служби битно влијаеа на основањето на нови политички партии и на составот на нивното раководство. Подоцна тие, преку вградените свои соработници речиси во сите политички партии, го контролираа целиот изборен процес и го предодредија исходот од изборите. Не само составот на изборните листи на партиите, туку и други потфати во периодот на кампањата беа очигледно добро смислени, од некои тајни центри. Во тој поглед е многу интересен периодот меѓу двата круга на изборите. Очигледно, на некои тајни штабови не им се бендисал исходот од првиот круг.

Имено, во првиот круг меѓу избраните немаше ниту еден од ВМРО-ДПМНЕ, во вториот круг најмногу кандидати влегоа од партијата на Гошев, потоа од Реформските сили, а помалку од ВМРО-ДПМНЕ. Таа состојба беше битно променета со само два потези.

На еден митинг во Тетово на бел коњ, победнички дојде претседателот на ПДП, Невзат Халили. Тој настан предизвика остри реакции кај македонската јавност, која во последните години беше предмет на упорна обработка на всадување на антиалбанско чувство. Тој настан битно не ги подобри резултатите на ПДП, бидејќи беше јасно дека и без него ќе го добиеја истиот број пратеници. Но, тоа беше повод двајца истакнати функционери од ВМРО-ДПМНЕ, на митингот во Скопје што се одржа непосредно пред изборите, да изјават дека ако дојде на власт нивната партија, ќе ги протера „Шиптарите од Македонија преку планините во Албанија“.

Само со тие два настани радикално се промени расположението на електоратот и се постигна резултат кој овозможуваше протагонистот за словенечки пат во Македонија, Петар Гошев да биде исфрлен од игра за подолг период, а исто така беа создадени услови да се спречи таа варијанта да биде следена од некоја посилна политичка сила во земјата.

ПОВИК ЗА ВОСТАНИЕ

Изборните резултати овозможуваа во Македонија и понатаму да се спроведува проектот што се потпираше на политиката на Милошевиќ, а во наши услови тоа беше проект кој ги поттикнуваше недовербата и омразата меѓу Македонците и Албанците и ги спречуваше, именувајќи ги како национално предавство, обидите да се најде заеднички јазик и заеднички прифатливо решение за наследените и новосоздадени проблеми во меѓуетничките односи во нашата земја.

Од тајните служби на ВМРО-ДПМНЕ му беше наметната улогата на „ексклузивен бранител“ на националните интереси на Македонците и својата популарност да ја гради и заснова именувајќи ги сите други од другите партии како национални предавници. Активноста на ВМРО-ДПМНЕ во 1991 година главно беше ориентирана на политика која одеше по работ на предизвикување внатрешни конфликти на новата власт со Албанците, но и конфликти меѓу Македонците. За еден конкретен таков настан пишував во колумната објавена во претходниот број, но такви потфати има многу.

Еден од нив беше и оној што ја предизвика и кризата во парламентот пред донесувањето на одлуката за Референдум. Имено, тогаш од Владата е предложена измена на Законот за основно и средно образование, со која очигледно се продолжуваше и заоструваше политиката во образованието на Албанците од времето кога беше укината Вишата Педагошка школа.

Со новиот предлог им се забрануваше на наставниците Албанци евиденцијата и документацијата во наставата која се изведуваше на албански јазик, да ја водат  на албански, туку им се наредуваше таа да се води на македонски јазик. Тој предлог беше многу чуден, бидејќи евиденцијата, на пример, на часовите по француски јазик, се водеше на француски јазик, а само евиденцијата за наставата на албански јазик не можеше да се води на албански јазик.

Тајмингот што е избран за поднесување на тој предлог носеше со себе многу голема опасност. Поради тој предлог, некаде кон крајот на јуни 1991 година пратеничката група на ПДП најде оправдана причина да ја напушти работата во Собранието. Наскоро потоа, поради обидот да се најде решение и да се повлече тој предлог, министерот за образование Димитар Димитров си даде оставка, а десетина дена потоа од редовите на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, само неколку дена пред донесувањето на одлуката за Референдум, беше упатен писмен повик до македонското население да се дигне на востание и да ја сруши „предавничката власт на Глигоров и Андов“. Кога барав од министерот за внатрешни работи да ми каже што ќе преземе против авторите на тој повик, тој се извлече објаснувајќи дека потписот не може да се прочита и слично.

Денешните млади членови на ВМРО-ДПМНЕ треба да ги проверат овие наводи и добро да се замислат. Сигурно е дека најголем број од членството и гласачите на ВМРО-ДПМНЕ во тие 1990-91 година, имале чисти и чесни намери, но преку вградени соработници на тајните служби во раководството на партијата, тие, како и младите раководители на партијата, без да знаат биле манипулирани и послужиле да се вградат елементи кои предизвикуваат тајни слабости во развојот на нашата држава.

Меѓутоа, ова е само еден од проектите кој преставуваше вградена слабост на нашата земја. Такви има и други. Младите, а и некои од веќе зрелите политичари од ВМРО-ДПМНЕ, не треба да им робуваат на триковите на тајните служби и лошо да го разберат текот на конститутивната седница на Собранието на осми јануари 1991 година. И тоа што се случуваше тогаш, многу мириса на вешта режија. Оној што сакаше да испрати порака до македонската, до југословенската и до меѓународната јавност, за тоа дека во Македонија владее потполна збрка и нема сили со јасна концепција да ја водат земјата, немаше поарен начин од она што се случуваше на таа седница. Но за тие работи – понатаму.

Поврзани новости