И мене СЈО да ме обвинеше за проневера ќе легнев на смртна постела

by fokus

Специјалната јавна обвинителка, Фатиме Фетаи, повеќе од било кого манифестира бескомпромисност кон злоделата кои СЈО им ги става на товар на поранешни функционери. Дури и шпекулациите за амнестирање на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, паѓаат во вода кога ќе се види настапот на Фетаи. Обвинителката е подготвена да оди до крај и да докаже вина кај секој обвинет. Се помалку од тоа би предизвикало револт кај граѓанството кое очекува правда.

Можеби е претерано тоа што Фетаи на денешното рочиште за предметот „Триста“ рече дека ќе го гони обвинетиот, па макар бил и на смртна постела, но не е погрешно и не е прв пат обвинител да покаже таква свирепост. Сепак обвинетиот е нејзин плен, а таа не го застапува само предметот, туку и жртвата, односно оштетената страна, или во превод граѓаните на Македонија.

Има една анегдота од времето на судењата во Нирнберг, кога генералите на Третиот рајх биле изнесени пред лицето на правдата да одговараат за своите злосторства од Втората светска војна. Меѓу обвинетите бил и Ото Раш, командир на Ајнзац групите во источните територии на окупирана Европа. Ајнзац групите е најозогласената нацистичка специјална единица, или ескадрон на смртта, која имала улога да го тероризира населението и да врши масовни ликвидации. Меѓу многуте смртоносни акции, заслужни се и за масакрот во Беби Јар каде за два дена се убиени 33.771 Евреи.

За времето на нирнбершките судења, за главен јавен обвинител во случајот со Ајнзац групите бил поставен тогаш 25-годишниот, Бен Ференц. Како што самиот тој кажува години подоцна, пред почетокот на судењата против генералите, адвокатот на Ото Раш побарал од него да го повлече обвинението затоа што неговиот клиент бил болен од Паркинсонова болест.

-Што е тоа Паркинсонова болест? – прашал Ференц.

-Тоа е болест од која мојот клиент не престанува да се тресе. – одговорил адвокатот.

-Па и јас да убиев толку многу луѓе не ќе престанев да се тресам. – рекол обвинителот.

Не го споредувам Ото Раш со Ѓоко Поповски, далеку од тоа, сепак имам почит кон жртвите на Холокаустот. Но обвинетите се подеднакво бесрамни затоа што на очевид на целата јавност ги правеа кривичните дела за кои се товарат. Не моравме да го слушнеме бомбите за да знаеме што се случуваше во министерствата, општините и јавните претпријатиа. Пред наши очи се фалсификуфаа избори, се врбува службеници, се фаворизираа фирми на тендери, се богатеа бизнисмени и се труеше општеството со пропаганда до степен на меѓусебно мразење. Прислушуваните разговори само ги соголија овие луѓе пред нашита очи, и така соголени продолжија да им ја негираат автентичноста.

За сериозноста на кривичните дела нема што да се расправа. Оние што ги држат највисоките функции имаат и најголема одговорност. Не го прекршиле само законот, туку ја изневериле и довербата на граѓаните. Сепак се тие фатени на дело, како узурпираат цела држава и ја ставаат под своја контрола за потоа да ги штелуваат институциите според свои потреби.И презумцијата на невиност е апсурд кога обвинетиот е функционер кој се појавил на избори.

Обвинителот треба да биде бесчуствителен како што е Фетаи, треба да влее страв во коските на обвинетите, да биде безмилосна и да ја заледи крвта на оние што седат на обвинителната клупа, затоа што нема прошка за кривичното дело, затоа што одговорност мора да има, па макар обвинетиот да е на смртна постела.

Маја Васева

Поврзани новости