„И да треба да погинеш, кол’ко можеш ќе се спасиш?!“

by Фокус

Пишува: Кирил ЕФРЕМОВСКИ

„Работата на Специјалното јавно обвинителство веруваме е важна и за затворање на тоа поглавје (од политичката криза м.з.), тешко поглавје од македонската политичка историја“. Со овие зборови, американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Брајан Ји ја заврши својата кратка и хируршки прецизна изјава минатиот петок пред македонската Влада.

Зар по ваквата изјава треба да имаме дилеми за тоа како понатаму ќе се решава политичката криза и дали изборите во април ќе бидат кредибилни, фер и демократски? Се разбира, дилеми мора да постојат, а сите вакви прашања се целосно легитимни и оправдани, но притоа не смее да се пренебрегне фактот што конечно, по многу години калкулирање, давања нови шанси и џокери, протежирања на едната или другата политичка страна, највлијателните држави од меѓународната заедница се решени да помогнат, ги зајакнат и работат директно со институциите како никогаш порано, во борба против политичката корупција (која и да е) и создавањето неприкосновени услови за целосно почитување на законите и владеење на правото. И во таквиот план нема да се протежира одредена лева или десна политичка провениенција, каранфил или лав, туку конкретни чекори, реални краторочни потези, кои ќе бидат мерени со шублер, сѐ до последниот инч. Во исцртаниот план за излез од политичката криза и создавањето минимум услови за доследна примена на законите и владеење на правото, можеби главните контури на истиот ги постави американската администрација, но во практичната реализација на терен и Вашингтон и Брисел подеднакво ќе ги влечат потезите, за да покажат дека сѐ уште има простор за институционален одговор. Во 2016 година, вратите на политичките кабинети нема да се отвораат со нозе како порано, но пораките што ќе се упатуваат и барањата што ќе следуваат, ќе бидат без простор за импровизации како досега, без никакво попуштање. Колку и да не воочувате далеку од очите на јавноста, се спроведува друг тип на софистицирана дипломатија, стравот на Груевски од таквите потези оди до таму што мора високите странски делегации и амбасадори да ги прима во старото партиско седиште во „Бетон“, со што би се поштедил од непријатни погледи или прашања за ентериерот на вмровската палата.

Преку последните изјави на високите меѓународни претставници, само исчитуваме дека Македонија ваква каква што сите ја знаеме и за среќа добива уште една шанса (можеби последна), а не опозицијата или СДСМ. Поради тоа што партијата (читај ВМРО и ДУИ) ја грабна и узурпира државата, тука и понатаму ќе бидат меѓународните претставници да ѝ помогнат на она малку што остана во институциите и државните органи да се одделат од таа узурпација, а не да помогнат ВМРО да падне за СДСМ да дојде на власт. Сепак, за тоа на крајот од денот тоа ќе го одлучат тие што на 5 јуни ќе гласаат, но суштинското прашање овојпат е на какви избори.

Многу индикатори покажуваат дека во услови на неможност, неспособност, незнаење, узурпации… асистенцијата и помошта од меѓународните пријатели е повеќе од нужна, особено во овие моменти. Но, притоа треба да се има предвид дека во тие обиди, токму тие меѓународни претставници својата асистенција и помош нема да ја понудат бланко на СДСМ, на одредени етнички или национални групи или партии, како што тоа го чинеа досега, туку овојпат тие почнаа како никогаш претходно од темел да градат институции, а оние веќе изградените да ги насочуваат на правилен пат, чунки само така макар и на краток рок ќе се почувствува дека во Македонија институциите работат за граѓаните, а не за Македонците и за Албанците, за таборите на ВМРО или на СДСМ.

И затоа нека не ве изненадуваат или згрозуваат сите оние изјави и интервјуа со кои булументата на преродбата почна, а и ќе продолжи да го бомбардира и дефокусира јавниот дискурс. Очекувајте и во следните недели актерите да се менуваат, но улогите и натаму ќе останат исти. Сите појавувања на нарачаните интервјуа на Миле, Гордана, а и останатите што допрва ќе ги видиме, ќе имаат првична цел, колку-толку да спасат нешто од својот и од рејтингот на партијата. Тие осомничени, уште невлезени во судот, истиот оној суд од „тефтерчето“, мораат да се правдаат, докажуваат, пелтечат и да се потат пред камери, пред да почнат судските рочишта или уште пред Ѓорге Иванов да стави ослободителен потпис врз обвинителните акти, ако воопшто стави. Тие актери во таквите интервјуа веќе се дебело осомничени за тешки кривични дела, па парадирањето на телевизија со режирани прашања е нужност, особено кога некој како Ји ќе им порача дека е крајно време тоа поново поглавје од македонската политичка историја (читај груевизмот) да стане горко минато, исто како што е особена нужност и некој пензиониран професор залегнат во удобноста на кожената фотелја, поради своите клиентелистички односи и спреги, да брани нешто што е неодбранливо.

Големите очекувања носат уште поголемо разочарување, но наша реалност е дека процесот на демократизација на државата со владеење на правото без попречување на правдата е почнат и враќање назад нема. На тој пат ќе му претстојат уште многу сопки, а наша улога е да не бидеме неми набљудувачи и статисти. Минатонеделната посета на Ји, меѓу другото, беше потврда и за тоа, бидејќи не секој што згрешил или направил криминал, ќе може да се спаси, ако се докаже дека виновен. Просто е – таквото толерирање завршува овде.

Поврзани новости