И Аневски не се откажува Јаневa да дојде на седница

by Фокус 14:35
14:35

Иако не го разгледале целосно извештајот, членовите на Советот на обвинители имале прашања за кои специјалната обвинителка Катица Јанева би требало лично да дојде на седница и да ги образложи, порача денеска претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски, пренесе Нова.

Советот денеска по втор пат ја одложи седницата, а оттаму велат дека денеска ќе испратат и писмено барање за Јанева да се појави на седницата закажана за понеделник.

- Advertising -

-По отворената дискусија меѓу членовите на Советот заклучивме дека е нужно да дојде и да присуствува на истата обвинителката Јанева заради разјаснување на некои работи кои ни се нејасни. Сметаме дека мора да дојде и ќе добие за тоа денеска писмена покана. Ние не го гледавме дел по дел извештајот, ќе ви кажеме в понеделник по одржувањето на седницата, мислам дека ќе се разгледува. Секој од членовите на Советот има свои прашања и треба да се разгледаат и разјаснат. Членовите едногласно одлучија дека е потребно повторно да дојде, изјави денеска Аневски.

Вчера специјалната обвинителка Јанева на новинарско прашање одговори дека нема намера да се појави пред Советот, ниту пред Собранието за лично да го образложува извештајот.

-Немам намера да одам од причина што мислам дека е толку мал извештајот за толку малечок период така што немам потреба да образложувам нешто посебно, бидејќи содржи се што е потребно. Доколку почитуваниот Совет има некои забелешки, писмено нека достават, ќе ги вклучиме тие забелешки во идниот Извешта , кој веќе почнавме да го работиме за идниот период од шест месеци, рече Јанева.

Во меѓувреме и во Собранието се одложи седницата на собраниската комисија за политички систем, на чиј дневен ред е Извештајот на СЈО. Пратениците од владејачката партија инсистираат Јанева да присуствува на седницата.
Специјалната обвинителка минатата недела го достави Извештај до Собранието и Советот на јавни обвинители за што е законски обврзана да го поднесе на секои шест месеци, но не и лично да го образложува.

Во Извештајот се наведува дека СЈО во изминативе шест месеци отворило вкупно 120 предистражни постапки.
Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите -прислушкувањето, испитување на изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.

Јанева наведува дека обвинителствата и судовите се уште не и ги доставиле побараните предмети со што таа е спречена да се произнесе дали некои предмети се во нејзина надлежност или не. На новинарските прашања денеска, Аневски повторно не сакаше да одговори зошто не се предадени предметите на Јанева.

Поврзани новости