Перо Камиказа: Меморија, ДНК и Некст тајм добија нула денари од Министерството за култура, но затоа за Петар Грашо има 180.000 денари!

by Fokus

Музичарот Петар Георгиевски, познат како Перо Камиказа, од култниот бенд Меморија е револтиран поради резултатите од конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2023 година.

За овие проекти годинава Министерството за култура одвои 12,5 милиони евра, а Меморија за прв пат аплицирала на конкурсот.

Како што појаснува музичарот, не му е сфатливо како може Меморија, ДНК, Некст тајм и други македонски бендови да не добијат ниту денар за понудените проекти, а од друга страна министерството да одобри околу три илјади евра за концерт на хрватскиот музичар Петар Грашо, поради наводен национален интерес за настанот.

-Меморија по прв пат во историјата на своето 40 годишно постоење, учествуваше на конкурсот на Министерството за култура, на инсистирање на министерката за (не)култура, како би можеле да бидеме ослободени од плаќање на ДДВ на билетите,како учесници на овој тривијален оглас!!!

И нормално, не добивме ни денар, а со тоа ќе останеме и понатаму со наши пари да финансираме се што не е македонско, од парите што ние им ги плаќаме преку даноци. Значи само македонските бендови, во сопствената држава, нема да добијат ни денар од државата, а со тоа нема да имаат шанса да бидат ослободени од ДДВ!- реагира Георгиевски.

Појаснува дека бендот понудил три проекти, но според него, министерката очигледно немала познавање за историските проекти на Меморија.

-Меморија понуди три проекти: Дупли албум со гостите од двата концерти, како и со сите хитови на Меморија со двајцата пејачи, документарен филм со 10 епизоди, како и славенички концерт, по повод 40 годишнината, од постоењето на Меморија, која по се изгледа ги надминува и годините, но и познавањето на министерката за овие историски проекти! Сите три проекти ќе ги реализираме со поддршка на нашите фанови, со нашите пријатели и поддржувачи, како и досега- порача тој.

Вики Клинчарова

Поврзани новости