Хуманитарната организација Свети Спас доби телефонски броеви за донации: Еден повик може да биде нечиј ручек!

by fokus

Хуманитарната организација Свети Спас доби телефонски броеви за донации, на кои хуманите граѓани ќе можат да донираат 100 денари со еден повик, а средствата ќе бидат наменети за купување на храна за ранливите семејства.

Броевите на кои може да се донира се 143 300 за Телеком корисници и 143 700 за А1 корисниците.

-Сто денари за некој може да биде 1 килограм шеќер, може да биде и млеко за нивното дете, може да биде и нечиј појадок или вечера. Со 100 денари некои семејства го поминуваат целиот ден, имаме родители кои остануваат гладни, само за нивните деца нешто каснат.
Преголемото поскапување со кое се соочуваме сите го зголемува бројот на семејства кои имаат потреба од помош. Да бидеме хумани и да помислиме на тие семејства, апелираат од организацијата.

Инаку, Свети Спас е организација на скопската православна епархија, која функционира подолг период.
Редовно организира акции за донирање на храна, облека, хигиенски средства и друга помош, која потоа им се распоредува на граѓаните кои имаат потреба од неа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости