Хрватската старлета Џана ја поддржа Шарената револуција

by Фокус 19:06
19:06
Познатата хрватска старлета, поп пејачка и сопственичка на сплитската Вип Агенција, Џана Апостолски, која што има македонски корени, вели дека е трогната од случувањата во Македонија. Од се срце ја поддржувала Шарената револуција и себеси се сметала за голем поборник за човековите права.
-Моите корени се од Кавадарци и Македонија секогаш ја носам во срцето. Со гордост зборам за моето потекло, а за време на летниот период често доаѓам во посета на пријатели и роднини од Тиквешијата, задолжително го посетувам и за мене најубавиот град – Охрид. Ги следам сите новости поврзани со мојата мила Македонија, и сакам од Сплит, градот во кој што живеам и работам да им дадам поддржка на сите оние кои што го кренале гласот и бараат достоинствен живот, на сите активисти на Шарената револуција! Јас секогаш сум на страна на народот, мразам лаги и неправда, на свој начин се борам против митото и корупцијата, нешто кое што за жал го има во секоја земја и пред кое што не треба да се затвораат очи и да се молчи. Затоа, сите вие шарени и храбри луѓе, НАПРЕД, не дозволувајте никој и ништо да ве поколеба во вашата цел за подобар живот и рамноправност, вели Џана.
Таа додава дека народот во Хрватска бил сведок на случувањата со поранешниот хрватски премиер Иво Санадер кој што не и побегнал на правдата.
-Санадер е доказ за тоа дека било кој да се огреши од законот, треба да си ја плати казната. Осуден е на осумипол години затвор поради злоупотреба на положбата, и мислам дека секој човек, без оглед дали е дел од политичкиот живот, дали е познат бизнисмен, па дури и крал на некоја земја, ако се огреши од законот, треба да си плати за тоа. Не треба да се прават исклучоци, законот треба да важи за сите. Од тоа што го следам во медиумите за Македонија во изминатиов период, можам да кажам дека очигледно мојот народ започнал да се буди и среќна сум поради тоа, изјави Апостолски.
Таа е присутна на хрватската сцена околу една деценија. Позната е по својот провокативен изглед, а има учествувано и во голем број на реални шоу емисии. Моментално пејачката кариера и е во мирување, бидејќи е посветена на работата во нејзината Сплит Вип Агенција која што се занимава со организација на ВИП настани за хрватската елита.