Хрватите изненадени: Македонец направил најмногу интервјуа со Драгојевиќ!

by fokus 13:29
13:29

По смртта на музичката ѕвезда Оливер Драгојевиќ, страниците на медиумите во Хрватска, но и во регионот се уште се полнат со приказни за него, испливуваат детали од неговиот живот од кои некои се веќе познати, а некои пак се изненадување за неговите следбеници.

Како големо изненадување за хрватската јавност беше веста која ја објавија голем број на тамошни медиуми, а во која откриваат дека Драгојевиќ, за време на својата педесет годишна кариера, најверојатно најмногу интервјуа му дал на новинар од Македонија.

- Advertisements -

-Има некоја тајна врска, овој медиум воопшто не е од Хрватска, а Оливер му дал најмногу интервјуа во кариерата – се дел од насловите на текстовите кои се актуелни деновиве во Хрватска.

„Фокус“ стапи во контакт со новинарот за кого се пишува во регионот и ја пренесува неговата приказна за поврзаноста со легендарниот музичар. Станува збор за Владо Коциров, новинар и водител во Радио Гевгелија, кој со Драгојевиќ се дружел и соработувал над 40 години. Гевгеличанецот вели дека своето последно музичко интервју го направил пред тринаесет години, а со Оливер останал во постојан контакт и нивната последна средба се случила лани во март, во Скопје.

-Јас се уште никаде не сум ја објавил медиумски веста за која сите прават публика. Тешко ми е да ја прифатам реалноста. Јас само објавив ,,ТИШИНА МОРА’’, наслов на еден Оливеров албум. Пишувањето не ми е силна страна, можеби најдобро се изразувам РАДИСКИ. Така работев.

И, повеќе би сакал да се пишува за Радио Гевгелија отколку за мене – ја започна својата приказна радио водителот кој стана интересна тема во Хрватска.

Раскажува дека со Драгојевиќ биле соработници, но и искрени пријатели со кого има многу убави спомени.

-Со Оливер се дружев 40 години, и не памтам колку пати сме се виделе, колку пати сме правеле интервјуа за Радио Гевгелија, ама знам дека сме се гледале најчесто на Сплитските фестивали во осумдесетите, во Белград неколку пати на ,,МЕСАМ’’, безброј пати во Скопје, па во Гевгелија, Струмица, Кавадарци, Охрид…

Оливер знаеше дека сум еден од најголемите негови обожаватели, па човек кој води забавно музички емисии и плус пријател, му бев три во едно. Имавме специфично дружење, специфичен хумор .

Едноставно на моменти не можам да сфатам колку пејачот Оливер го сакам и го слушам, а во исто време сме толку пријатели и разговараме за обични работи. Многу, многу дружења на многу, многу концерти, шоу програми, фестивалски настапи, а тој во исто време во негова близина ме гледаше како работам на интервјуа позади фестивалските сцени и се дружам со тогашните музички ѕвезди – вели Коцаров.

Се присетува на осумдесеттите години на минатиот век, кога радио станиците играа голема улога во прифаќањето и промовирањето на музиката на пејачите, време кога да се даде интервју во радио станица било своеврсна потврда дека музиката далеку ти се слуша.

-Во осумдесеттите години од малата Радио Гевгелија направив голем бренд, и за пејачите беше важно да се даде интервју за Радио Гевгелија.

Беше многу важно да се даде интервју за Радио Гевгелија бидејки пејачите како Иво Патиера и слични на него добиваа потврда дека нивната музика се слуша далеку.
На фестивалите правев по 40 интервјуа. Во тоа време популарниот ,,Екран’’ пишуваше за нас.

Од Македонија на југословенските фестивали присутни беа само ревијата ,,Екран’’, Радио Скопје и Радио Гевгелија.

Неколку години бев и во стручното жири на Сплитскиот фестивал.

Во 2005 по дваесет години интервјуирање на пејачи решив да се повлечам и како тоа фудбалерите го прават со проштален натпревар, јас го направив со последно интервју, и тоа со Здравко Чолиќ.

-Потоа со Оливер се гледавме исто така често, но само како пријатели. Последен пат се видовме во март, лани во Скопје – раскажа радио водителот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости