Христопулос: Преспанскиот договор е победа после долгогодишна стигматизација

by Фокус

Преспанскиот договор беше една добра историска несреќа, никој не веруваше дека ќе се случи но тој на крајот претставуваше победа по долгогодишната стигматизација, рече професорот на атинскиот универзитет Димитрис Христопулис, за време на денешното предавање на Универзитетот ФОН под наслов „Зошто работите одат лошо?“.

-Во двете општества, јавното мислење е поделено. Патот не е лесен и има надворешни фактори кои креираат проблеми. Тогашната опозиција во Грција го хранеше општеството со најлош дискурс кој ги контаминираше сите, но сите овие токсични стравови и чувства што ги ширеа сега се насочени кон бегалците – рече Христопулос.

Одговарајќи на прашање од Фокус дали верува дека овој договор може да биде цврста основа за градење на македонско-грчките односи и партнерство, тој рече: „Доколку не верував во тоа, не би бил денес овде“.

На предавањето, тој говореше и за јакнењето на расизмот, национализмот и евроскептицизмот, но посебно се осврна и на миграцијата, која, според него, е резултат на нееднаквоста.

-Кога поранешниот премиер Силвио Берлускони и понуди на Либија во 2009 година да и плати за да ги задржи бегалците, ЕУ беше згрозена. Десетина години подоцна, ЕУ ја спонзорира Турција да ги чува бегалците, со што патем е даде силно дипломатско оружје  – рече атинскиот професор, додавајќи дека со растот на бегалците расте и фашизмот во Европа, кој, според него, порано бил сконцентриран на север, но сега се спушта кон Медитеранот.

М.Д.

Поврзани новости