Хорор од мртви кучиња и мачки во Берово

by Фокус

Kучиња и мачки облеани во повраќаници, измет и во крв, паднати насекаде по улиците, ова е сликата од Берово деновиве, алармираат од здружението за заштита на животните „Анима мунди“.

Како што велат од здружението дел од животните сѐ уште не биле мртви кога жителите ги виделе во агонија и во треска која наликувала на силни епилептични напади и очајна борба за здив. Сите до едно починале од силата на отровите, а бројни траумирани граѓани го контактирале здружението и побарале помош.

„Кој се крие зад масовното убивање животни во Берово? Кој ги уби животните и кој изврши атак врз хуманоста и јавната безбедност во градот? Посочуваме дека отровот е расфрлан на многу места, по улици каде има голема фрекфенција на луѓе, вклучувајќи и деца (покрај основно училиште). Отровот е смртоносен и како што може да убие животно во 10 минути, истото може да го направи и на човековиот организам – трајно да осакати или да убие. Бараме одговори, истрага и најстрога казна за сторителот зошто во случај се извршени две тешки кривични дела – предизвикување општа опасност и мачење на животни, дела за кои се предвидува и затворска казна“, велат од асоцијацијата.

„Анима мунди“ ја повикува општина Берово и градоначалникот Драги Наџински веднаш да спроведат темелна истрага и јавно да го осудат ваквото самоволие и акт на насилство на кое се изложени сите, без исклучок – и луѓето и животните.

Поврзани новости