Хонорарот на Северина за „Штипска пастрмајлијада 2018“ се чува во дискреција?

by fokus

На 21-ви, 22-ри и 23-ти септември во Штип ќе се одржи традиционалната манифестација ,,Штипска пастрмајлијада 2018”. Најавено е учеството на повеќе музичари од земјава и регионот, помеѓу кои Влатко Стефановски, Ван Гог, Дани Димитровска, Зоран Илиев, Јоце Панов, Либеро Бенд и други. Како главна музичка ѕвезда, на 22-ри пред публиката во Штип ќе настапи хрватската пејачка Северина.
Александар Лазаров од кабинетот на градоначалникот Благој Бочварски, во телефонски разговор за ,,Фокус” потврди дека во градот веќе се започнати подготовките за манифестацијата која секоја година привлекува десетици, а според податоците од минатата година, дури 180.000 посетители.

Околу тоа за колкав хонорар ќе пее Северина, тој вели дека мора да се почитува дискрецијата, па за точната сума која пејачката ќе ја добие за настапот не препрати кај Кирил Панајотов, кој е организатор на манифестацијата.

-Не знам која е сумата, но знам дека во некои договори со пејачите е наведено дека бараат дискреција и да не се објавува хонорарот за кој настапуваат во јавност – ни изјави Лазаров.

На нашата констатација дека сепак, Северина не пее на приватна забава, туку на општинска манифестација, Лазаров ни одговори дека прашањето кој за колку пари ќе настапува, дали тоа може да се соопшти во јавност и колкав е буџетот за оваа година, треба да му го поставиме на организаторот, Панајотов.

-Општина Штип одвои 2,5 милиони денари за настанот, а исто така имаме и повеќе спонзори кои го покриваат музичкиот дел. Јас го створив концептот на ,,Штипска пастрмајлијада” во 2007 година и сум задолжен за сите подробности околу бината, за целата организација, но навистина немам податоци кој за колкав хонорар ќе настапува. Тоа може да ви го кажат од кабинетот на градоначалникот – ни изјави Панајотов.

На почетокот на годинава Комисијата за култура излезе со тврдење дека треба да се бара нов концепт за манифестацијата, бидејќи под култура не може да се подведе гостување на Цеца, Северина, Аца Лукас или пак било кој музички гостин од соседството.

Околу тоа, како и годинава повторно се продолжува со старата практика околу изборот на гостите, Панајотов вели дека апсолутно се согласува со ставот на Комсијата за култура, и како пастрмајлиадата треба да биде првенствено во чест на штипскиот специјалитет. Сепак, тој не учествувал во изборот на музичките гости, и за тоа прашање повторно не упати во кабинетот на градоначалникот, или пак лично кај Бочварски.

Од кабинетот на градоначалникот пак, не известија дека тој е на состанок.
Лани на пастрмајлијадата во Штип главна музичка ѕвезда беше Лепа Брена. Во 2016 година тоа беше Здравко Чолиќ, а во 2015 – Цеца Ражнатовиќ.
Во 2014 година главни ѕвезди беа Жељко Јоксимовиќ и Аца Лукас, а во 2013 – Харис Џиновиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости