Холштајн: Преостанува отворање на преговорите за членство со Северна Македонија во ЕУ

by Fokus

Отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ треба да се случи и се надевам дека ќе успееме да го постигнеме тоа оваа година. Нема друга алтернатива. Исполнети се сите услови од страна на Северна Македонија, изјави денеска амбасадорката на Германија во земјава, Анке Холштајн.

Таа додаде дека како дипломат е ноторна оптимистка и изрази уверување оти може да се постигнуваат цели ако доволно напорно се работи на нивно исполнување.

Во текот на следните недели, истакна амбасадорката Холштајн, многу е важно да има соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија во оние области и сегменти каде нема разлики во мислењата, со што ќе се докаже дека постои добра соработка.

– Како и претходно и понатаму немаме план Б. Она што преостанува е отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, преостанува продолжување на разговорите за пристапување, изјави Холштајн откако денеска на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски му предаде донација од возила и опрема наменета за потребите на граничната полиција.

Во рамки на тројното претседателство со Португалија и Словенија, германската амбасадорка најави дека ќе продолжат со напорна работа со цел постигнување отворање на пристапните преговори со земјава.

Поврзани новости