Холштајн: Германија води разговори за отварањето на преговорите за Северна Македонија

by fokus

Германија и натаму останува посветена на отворање на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ. Се водат разговори на високо ниво помеѓу германската Влада и сите вклучени страни, во тесна соработка со португалското претседателство, изјави денеска германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн, изразувајќи личен оптимизам и увереност во успех на ваквите активности.

„Почнувањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија, во секторот на проширувањето, беше една од најважни цели во претседавањето на Германија. Остануваме и понатаму на прашањето. Остануваат разговорите кои се водат на високо ниво помеѓу германската Влада и сите вклучени страни. Работиме секако тесно со португалското претседателство. Ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија во иднина заеднички да работат на широко позитивно поставување на агенда, која ќе покаже дека соработуваат, а тоа ќе биде најдобриот начин да се направи чекор напред кон одржување на првата конференција“, изјави Холштајн.

Таа нагласи дека одржувањето на првата меѓувладина конференција е повеќе од заслужено и дека е убедена оти соработката меѓу Скопје и Софија ќе резултира со согласност од сите 27 земји од ЕУ.

„Оваа соработка ќе биде најдобриот начин да се направи чекор напред и да дојдеме до согласност на сите 27 земји членки за да можеме да ја одржиме првата конференција за пристапување. Јас сум убедена дека тоа ќе успее. Како дипломат сум оптимист по природа, но исто така сум убедена дека ќе успее. Сите знаеме дека отворањето на првата конференција е многу повеќе од заслужено и е крајно време да се случи“, рече германската амбасадорка.

Поврзани новости