„Холивуд Репортер“: Филмот „Врба“ е фасцинантен и заслепувачки

by fokus 10:55
10:55

Временската рамка во филмот „Врба“ скока од Средниот век до денес, со тема за мајчинството, која е безвременска и универзална, оценува прославениот филмски магазин „Холивуд Репортер“ во рецензијата за последното филмско остварување на Милчо Манчевски.

Авторката на рецензијата, една од најреномираните американска критичарки Дебра Јанг оценува дека филмот со кој Манчевски се враќа во својата родна Македонија, е „фасцинантен… заслепувачки…“.

- Advertising -

– Три жени копнеат за мајчинство во „Врба“, филм чии сензуални слики и временски периоди кои продираат еден во друг потсетуваат на незаборавниот „Пред дождот“ на Манчевски, кој во 1994 освои Златен лав во Венеција, вели Јанг во текстот во „Холивуд Репортер“, кој е меѓу трите најголеми светски филмски магазини, заедно со „Вараети“ и „Скрин Интернешенал“.

Во рецензијата се нагласува дека „комплексноста на овој навидум едноставен филм е како една приказна се влева во другата, и ја осветлува на неочекувани начини“.

– Пример за ова е како Манчевски ги споредува ритуалите, молитвите и жртвите што стерилните средновековни двојки ги изведуваат за да добијат дете со модерните практики како вештачко и ин витро оплодување: колку се слични надежта и очекувањата на идните родители; колку непредвидлив е успехот или неуспехот на лекот, наведува Јанг.

Авторката на рецензијата оценува дека „најфините филмови на Манчевски – а овој секако е меѓу нив – се обележани со врвна емотивна слика и уверливо командување со камерата, што често користи екстремно крупни планови за да ја одбележи телесноста во клучните емотивни моменти“.

– Во првата епизода, кинематографијата на Тамаш Добош е со заслепувачка текстура и создава елементарен свет од житните полиња, праисториските камења и испотените, неизбришани лица. Но сите ликови се внимателно изградени и фасцинантни. Како врбата од насловот на филмот, што е асоцијација за отпорност, како и за липање, тие се соочуваат со солзлива гама на човечки катастрофи и се изборуваат. Актерите се импресивни, но никогаш не најавуваат каде тргнале, всушност, расплетот на прикаските е непредвидлив, а крајот, иако убедлив, остава многу простор за размислување, се потенцира во рецензијата.

Јанг вели дека младата Сара Климоска и Никола Ристески се „убедливи во нивните инстиктивни, нецензорирани реакции“, а „прекрасното Хеловин лице на Ратка Радмановиќ која ја игра неумоливата вештерка е за кошмари“, додека Камка Тоциновски игра со „природност до крајни граници“.

– Оваа приказна за копнежот да се стане родител, со убавиот изглед и префинетата актерска екипа ќе ги наполни арт кината, се предвидува во рецензијата на „Холивуд Репортер“.

Поврзани новости