Ходаи: Премиерот Заев има волја да се најде решение, во споротивно ќе кампуваме пред МОН и ќе има притисок од амбасади

by fokus

За разлика од министерката за образование и наука Мила Царовска која не сака да дискутира, премиерот Зоран Заев има волја што побрзо да се најде некое решение за проблемот со државната матура за да не изгубат време матурантите кои планираат да се запишат на странските универзитети, порача претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи по средбата со премиерот во Владата.

Со премиерот, посочи, дискутиравме кои се можните компромисни решенија доколку измените на Законот не се гласаат во Собрание.

-Му кажавме дека сме подготвени да направиме комбинација дали да имаме укинување на еден интерен испит или на еден екстерен испит за да се намали бројот на екстерните и на интерните предмети. Зборувавме и за скратените програми за испитите за државната матура, бидејќи сега само четири предмети имаат скратени програми за полагање на државната матура, а тоа се македонски јазик, хемија, физика и географија. Ние сакаме цел материјал што се изучуваше во време на пандемија, од март 2020 година до крај на оваа учебна година, да има скратени програми за да има фер државна матура, изјави Ходаи по средбата во Владата.

Тој истакна дека процесот за барање на некое решение не треба да биде на штета на матурантите и на средношколците.

-Како што му кажавме и на премиерот ќе се трудиме до крајот на февруари да имаме одлука и да ја завршиме целата дискусија во јавноста за државната матура. Ако до крајот на февруари немаме решение во однос на државната матура тогаш со шатори ќе кампуваме пред Министерството за образование и наука. Тоа го утврдивме пред два дена и ќе го направиме ако нема компромис и волја од страна на Владата и Собранието за што побрзо да се најде решение за државната матура. Ако не се најде решение до крајот на февруари ќе кампуваме од 1 март и ќе има многу притисоци  и од амбасадите. Затоа  е неопходно да се најде некое решение и да бидат прифатени голем број на нашите барање. Како Сојуз на средношколци сме децидни во нашите барања, но сме и отворени за да најдеме компромисни решенија, рече Ходаи.

Тој прецизира дека со претставниците на матурантите и со претставниците во Сојузот на средношколци ќе разговараат какви можат да бидат компромисните решенија доколку не се најде решение на проблемот во Собрание и во Владата.

-Треба да ги имаме отворени сите алтернативи за што побрзо да се најде решение, истакна Ходаи.

Сојузот на средношколци бара наместо четири да се полагаат два предмета за државната матура од кои еден ќе биде мајчин јазик, а вториот по избор на матурантот во зависност од намерата на кој факултет сака да го продолжи образованието. Актуелното решение предвидува да се полагаат четири предмети за државна матура за целиот материјал во изминатите четири години од образованието.

Поврзани новости